Анализа на првата недела од изборната кампања и однесувањето на медиумите

Бурна прва недела од изборната кампања, новиот претседател на државата ќе се бира на шестите избори од независноста на Македонија. Партиските возови со полна пареа сообраќаат низ Републиката, во обид да ги убедат гласачите да го дадат својот глас за нивниот кандидат. За престижната фотеља во Вилата Водно се борат тројцата кандидати од СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и БЕСА со АА. Кој ќе биде следениот шеф на државата?

Блерим Река е кандидат за Претседател поддржан од Беса и Алијанса за Албанците.

Републиканскиот модел кој го промовира во рамки на кампањата под мотото „Река за Републиката“, на професорот Блерим Река му ја донесе поддршката од БЕСА и Алијанса за Албанците, но и од над 10.000 граѓански потписи.

Блерим Река е редовен професор на Универзитетот за Југо-Источна Европа, каде што беше декан и про-ректор. Богатата биографија на Блерим Река не го прави странец во политиката, тој се запиша како амбасадор на ЕУ мисијата на Република Македонија во Брисел, а во својата кариера ги книжи и членството во ЕУ советот при МАНУ, како и титулата – експерт за Западен Балкан. Река има богата научна-публицистичка дејност со издадени бројни трудови во областа на меѓународното право, меѓународните односи и правото на ЕУ.

Под бројот 1, караванот „ЗА републиката“ своето патешествие го започна со конвенција на плоштадот „Скендер Бег“ во Скопје на првиот ден од кампањата. Досега во рамки на активностите на изборниот штаб на Река беа одржани вкупно три големи митинзи и повеќе од 10-тина мини митинзи и средби со граѓани. Како и останатите двајца кандидати и Река има своја веб страна со јавно објавена детална агенда на минати и идни кампањски настани:

www.blerimreka.org/mk/events.

Во рамки на досега одржаните активности, карактеристични се граѓанските трибини со кандидатот на БЕСА и АА, под името „Разговори со РЕКА“.

Според програмата на Река, Македонија е држава, но не и Република.

Кампањата на Река е присутна и на социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер со над 16.000 фанови, односно над 200 следачи на твитер. Како и кај корисничките налози на другите кандидати, кај пристапот на Река исто така отсуствува двонасочната комуникација со следачите од социјалните медиуми. Така што, активноста е сведена на објавување текстови, слики, видео и известувања за следните теренски активности, без можност за директна комуникација. Река, како и Силјановска Давкова е отсутен од социјалната мрежа Инстаграм, а нема ниту Јутјуб канал каде би ги објавувал активностите.

Гордана Силјановска Давкова е кандидатка за Претседателка предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Со поддршка од над 30 интелектуалци, професорката Гордана Силјановска Давкова ја доби и поддршката од преку 10.000 граѓански потписи, а финално и од коалицијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Силјановска Давкова е универзитетски професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје. Во богатата биографија ги вбројува и бројните научни достигнувања на домашно поле, но и на светската сцена преку признанија за достигнувања и членство во различни светски организации.
Под мотото „ПРАВО И ПРАВДА ЗА МАКЕДОНИЈА“, преку митинзи, средби со граѓани, но и на социјалните – електронски медиуми, агендата на професорката Силјановска Давкова е транспарентна во поглед на идните активности.
Досега во рамки на активностите на изборниот штаб на Силјановска беа одржани повеќе од 20-тина митинзи, трибини и средби со граѓани.

Бројот на одржани и планирани активности во рамки на кампањата е лесно достапен преку нејзината интернет страница: www.gordanazapretsedatel.mk/agenda.

Карактеристично е што на почетната страница на кандидатката, постои видео-сегмент во кое на знаковен јазик се повикува да се заокружи нејзиниот реден број, бројот 2.

Кампањата на Давкова продолжува и на социјалните мрежи, делумната активност на Фејсбук ѝ донесе над 23 илјади фанови, додека на Твитер над 1.400 следач(к)и . Делумната присутност на Силјановска Давкова на социјалните мрежи, како и кај другите кандидати, е дефинирана од фактот што освен објавувањето текстови, слики и видеа, отсуствува директната интеракција со следачите.

Единствената некарактеристична интеракција на Силјановска Давкова со своите следачи беше настанот „Јога со Гога“, каде беа поканети корисниците на Фејсбук од Охрид и околината. Нешто што досега не беше пракса кај другите кандидати или пак во другите изборни циклуси.

Нејзиниот You Tube канал нередовно се ажурира, иако говорите од митинзите се достапни на You Tube профилот на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, Силјановска Давкова е отсутна од социјалната мрежа, Инстаграм, што е пропуст во опфатот на младинската група гласачи.

Стево Пендаровски е кандидатот за Претседател предводен од СДСМ.

Тој е универзитетски професор, политичар, аналитичар. За својата кандидатура собра нешто повеќе од 20 илјади граѓански потписи и ја доби поддршката од СДСМ и уште 30 коалициони партнери. Ова е втора кандидатура на Пендаровски, откако се соочи со пораз на претходните претседателски избори во 2014.

“Заедно напред” е слоганот под кој настапува Пендаровски веќе 9 дена. Секојдневно, преку трибини на кои редовно учествуваат премиерот и министри од Владата на средби со граѓани, тој ја презентира својата програма која би ја реализирал доколку седне на претседателската фотелја.

Под бројот 3, кампањата „ЗАЕДНО НАПРЕД“ почна со граѓанска трибина во Долнени уште на првиот ден од кампањата. Досега во рамки на активностите на изборниот штаб на Пендаровски беа одржани повеќе од 25 собири, митинзи и средби со граѓани, како и изборната Конвенција на 03 април во салата „Борис Трајвкоски“ во Скопје.

Пендаровски ужива релативно голема популарност на Фејсбук со над 72 илјади фанови, на Твитер нешто над 8 илјади следачи и на Инстаграм со околу 3 илјади. Активностите на дневна база постојано се постираат на овие социјални мрежи. Сепак, директна интеракција со фановите – нема.
Стево Пендаровски поседува и свој личен Јутјуб канал на кој ги постира најважните поенти од своите настапи.

Првото ТВ соочување на претседателските кандидати се одржа на Телевизијата Телма и како да ја трасираше патеката за понатамошната изборна кампања на сите кандидати. Според анкетите и мислењата на социјалните мрежи, кандидатката на ВМРО –ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ја ужива позицијата на фаворит, додека професорот Блерим Река успеа да ги придобие симпатиите на македонското гласачко тело, додека Стево Пендаровски ја потенцираше важноста на ЕУ и НАТО во стил препознатлив на владејачката коалиција на СДСМ и позитивно оценет од страна на неговите поддржувачи по дуелот.

КАМПАЊАТА ВО МЕДИУМИТЕ, СЕ ПОЧИТУВА ЛИ ЗАКОНОТ?

Но, кампањата не се одвива само на терен, истата е присутна на социјалните мрежи и во електронски медиуми. И овие избори во морето на различната пропаганда плива Агенцијата за медиумски услуги. Од таму уверуваат дека на разбрануваната површината не бројат само секунди, туку под нивното будно око, од распишувањето на изборите досега, е работата на сите радиодифузери.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски вели – подобрување има, но сепак медиумите тешко се одделуваат од партиското менторство, набљудувањето и укажувањето на професионалните стандарди помага, но многу останува на свеста во работењето кај самите уредници и новинари.
Трајчевски: Досега нема констатирано прекршувања на Изборниот законик, на почетокот на следаната недела ќе го имаме извештајот за првите денови од кампањата во кој ќе биде оценето квалитетивното известување од страна на медиумите и доколку има прекршоци ќе бидат казнети.

Според него во демократскиот свет сме први, но како невиден пример во кој граѓаните преку буџетот ги финансираат политичките партии и нивниот маркетинг за изборите. Ваквиот модел на работа е само на штета на слободното новинарство.
Трајчевски: Апсолутно ова е само скандалозен начин за финансирање на изборната кампања … и секако допринесува до тоа допринесува за нови релации меѓу сопствениците на медиуми и политичарите и апсолутно не оди во насока на подобрување на медиумскиот простор во Република Македонија.

Интернет порталите и овие избори ќе ги минат под радарот на контролните механизми, за нив регулација нема, а нема ниту најава за долгорочно законско решение – откако претходното издржа едвај месец дена.
Трајчевски: Ставот на агенцијата е дека најмногу што може да се оди е во нивна регистрација за да се утрврди кој е сопственик, уредник и новинари, секое одење повеќе од ова ќе биде нарушување на слободата на говорот.

Од АВМУ велат дека држењето до професионалните начела и понатаму ќе биде нивен фокус во работата, кураж гледаат и во фактот што во последниот период зголемена е свеста кај граѓаните за поднесување претставки околу работата на медиумите до Агенцијата.

Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје