СТАТУТ

СТАТУТ НА ИНСТИТУТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ

ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Статут се утврдуваат називот и седиштето, целите и задачите, облиците и начините на дејствување, органите, начинот на нивниот избор, траењето на мандатот на органите на здружението и начинот на одлучување на членовите, прашањата околу стекнувањето и располагањето со имотот, остварувањето на јавност во работењето, условите и начините на пристапување и исклучување од здружението, правата и обврските на членовите, организирањето и управувањето, застапувањето и претставувањето, престанокот на здружението, постапување со имотот на здружението во случај на престанок и други прашања значајни за работата на ова здружение кои се утврдени и кои произлегуваат од Законот.
Член 2
Називот на здружението е: Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ -Скопје. Скратениот назив на здружението е: ИНРЕКОМ Скопје.
Називот на здружението на англиски јазик е: Institute for Development of Electronic Communications INDECOM – Skopje. Скратениот назив на здружението на англиски јазик е: INDECOM Skopje.
Називот на здружението може да се менува на седница на Собранието, со двотретинско мнозинство од бројот на членови.
Член 3
Седиштето на здружението Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ – Скопје е на адреса: „Никола Малешевски“ 41/5-9.
Седиштето на здружението може да се менува на седница на Собранието со апсолутно мнозинство гласови од бројот на членови, на предлог на Управниот одбор.
Член 4
Здружението Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ од Скопје (во понатамошниот текст: ИНРЕКОМ Скопје) е доброволно, непрофитно, непартиско и невладино здружение, формирано со слободно здружување, со цел да придонесе во следењето, истражувањето, анализите и унапредувањето на пазарот на електронски комуникации и на слободните медиуми на територија на Република Македонија, како и изградбата на независни регулаторни тела од областа на електронските комуникации и медиумите.
Член 5
ИНРЕКОМ Скопје ќе се раководи во своето работење остварувајќи ги своите цели, визии, задачи и дејности според Уставот на Република Македонија, Законот за здруженија и фондации, овој Статут и други општи правни акти на здружението како и во согласност со сите други позитивни важечки прописи на Република Македонија кои ја регулираат материјата од оваа област.
Член 6
ИНРЕКОМ Скопје го претставува и застапува Претседателот на здружението.
Член 7
ИНРЕКОМ Скопје има својство на правно лице и за своите преземени обврски одговара со сите свои средства.
ИНРЕКОМ Скопје има свој печат и штембил.
Печатот е со тркалезна форма, со вообичаена големина, во чијашто внатрешна страна го содржи полукружно напишано името на здружението Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје, а во средината го содржи логото.
Штембилот е во правоаголна форма и вообичаена големина. На горниот раб се наоѓа називот на здружението Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје и простор за деловен број, место за датумот и зборот Скопје.
Член 8
Работата на ИНРЕКОМ Скопје е јавна.
Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на ИНРЕКОМ Скопје за сите облици на работење, со увид со спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работата на органите и телата на ИНРЕКОМ Скопје, за материјално-финансиското работење и друго.
За информирање за членовите и пошироката јавност се користат печатените медиуми, радиото, телевизијата, услугите на интернет како и печатените и електронските публикации на ИНРЕКОМ Скопје.
Здружението за својата работа може да ги известува сите заинтересирани физички и правни лица во земјата и во странство.
ВИЗИЈА, МИСИЈА, ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 9
Визијата на ИНРЕКОМ Скопје е да станеме земја со високо развиени пазари за медиуми и електронски комуникации, како и самостојни и независни регулаторни тела.
Мисијата на ИНРЕКОМ Скопје е преку поддршка на процесите за развој на независни и самостојни медиуми и регулаторни тела, како и преку промоција на креирањето на политики базирани на истражувања, анализи и консултации со засегнатите страни да се постигне визијата и целите од овој Статут.
Член 10
Целите на ИНРЕКОМ Скопје се следниве :
– следење, истражување и анализа на пазарот електронските комуникации и медиумите;
– следење на јавното мислење во однос на моменталната ситуација со радијата, телевизии, интернет порталите, телекомуникациските оператори;
– следење и анализа на работењето на регулаторните тела од областа на електронските комуникации, медиумите и интернет сферата;
– развивање на слобода на говор и критичко размислување во граѓанското општество;
– развој на делиберативната демократија и партиципацијата од страна на граѓанскиот сектор во работењето на независните регулаторни тела;
– поттикнување на медиумска писменост во делот на радијата, телевизиите и интернет порталите преку активно учество;
– поддршка за развој на електронските комуникации следејќи ги најновите технолошки достигнувања, како и поддршка за развој на медиумите;
– развој на граѓанско општество и демократија во Република Македонија;
– спречување на влијанието врз работата на регулаторните тела и самите медиуми.
Задачите и дејностите на здружението се следниве:
– спроведување на анкети и фокус групи;
– изработка на студии и истражувања и објавување на истите;
– изработка на студии и истражување на јавното мислење за други субјекти;
– организирање на конкретни програмски активности;
– спроведување на заеднички проекти;
– организирање на конференции, семинари, обуки и друг вид на активности;
– поттикнување на иницијативи кај надлежните органи и институции во насока на остварување на целите на Здружението;
– изработка и предлагање на нови законски и подзаконски акти преку јавни дебати во кое ќе бидат вклучени претставници од други здруженија и фондации, претставници од операторите и медиумите, како и од регулаторните тела.
ФИНАНСИРАЊЕ И ФИНАНСИСКО-МАТЕРИЈАЛНО РАБОТЕЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 11
ИНРЕКОМ Скопје може да стекнува движен и недвижен имот во согласност со важечките правни прописи во Републиката.
Финансирањето на ИНРЕКОМ Скопје се остварува од следниве извори:
– јавни финансии од Буџетот на Владата на Република Македонија и/или од Буџетот на единицата на локалната самоуправа и/или Градот Скопје;
– донации, доброволни прилози и подароци;
– спонзорства и друг вид приходи од физички и правни лица;
– провизии од органи, организации, заедници и од други услуги;
– извршување на економски услуги;
– членарина;
– други приходи согласно позитивните законски прописи.
Член 12
Користењето и располагањето со средствата на ИНРЕКОМ Скопје, добиени по основите на претходниот член, се врши на начин утврден со овој Статут, внатрешните акти за финансиско-материјално работење и останатите законски норми.
Како непрофитабилно здружение, ИНРЕКОМ Скопје евентуалната добивка ја вложува за развој и спроведување на своите програмски цели и истата не може да ја подели помеѓу членовите.
Член 13
Финансискиот извештај се изработува во согласност со позитивно-правните норми во Република Македонија.
ИНРЕКОМ Скопје донесениот годишен финансиски извештај за своите приходи и расходи на здружението, изработен согласно позитивните законски прописи и стандарди, истиот го објавува на својата интернет страница, согласно Закон.
ЧЛЕНСТВО ВО ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 14
Член на ИНРЕКОМ Скопје може да биде секој полнолетен државјанин на Република Македонија, чија стручност, вредности и/или заинтересираност ќе биде во целосна согласност со целите, визијата и задачите на ИНРЕКОМ Скопје, без разлика на пол, вера, раса или друга припадност.
Горенаведените принципи ИНРЕКОМ Скопје ќе ги применува и при вработување на персонал, обезбедување услуги, односно при сите аспекти на својата работа.
Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во ИНРЕКОМ Скопје со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во здружението во согласност со Законот.
Секој член на ИНРЕКОМ Скопје може да предложи кандидат за нов член. Предлогот заедно со образложението се доставува до Собранието на ИНРЕКОМ Скопје и истиот решава по него преку тајно гласање со апсолутно мнозинство.
Член 15
Членот потпишува пристапница со која се согласува дека ги прифаќа Статутот и другите акти на ИНРЕКОМ Скопје.
ИНРЕКОМ Скопје за своите членови води регистер на членство, кој се ажурира еднаш годишно, преку потпишување на пристапница на избраните членови, во последните 2 месеци на крајот од секоја година.
Член 16
Здружението ја гарантира анонимноста на личните податоци на своите членови согласно прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.
Член 17
Членовите на органите на ИНРЕКОМ Скопје не треба да претставуваат посебни идеолошки или партиски уверувања.
Членовите на органите на ИНРЕКОМ Скопје исто така не можат да вршат партиски активности, како директно учество во избори и изборни кампањи, а во таков случај треба да го стават во мирување членувањето во органите на ИНРЕКОМ Скопје.
Член 18
Членовите го задржуваат својот статус на член во здружението, се’ додека не починат или се’ додека не се суспендирани односно исклучени од ИНРЕКОМ Скопје.
Членот се повлекува од ИНРЕКОМ Скопје со писмена изјава и предавање на сите материјали и нагледни средства кои ги има користено/задолжено за време на своите активности.
Одземањето на право на членство се остварува кога членот:
– не се придржува до Статутот и не дејствува во интерес на целите пропишани со неговата програма;
– создава конфликтни ситуации со останатите членови во здружението со што ја нарушува тековната работа;
– не учествува активно во здружението;
– доколку не платил членарина во периодот помеѓу одржување на две годишни собранија;
– други причини што го загрозуваат дејствувањето на здружението.
Член 19
Собранието донесува одлука за суспензија на членот со мнозинство гласови од присутните членови.
Суспендираниот член времено го губи првото на глас и не смее да учествува во активностите ниту на било кој начин да го претставува ИНРЕКОМ Скопје.
Укинувањето на суспензијата се спроведува со одлука на двотретинско мнозинство на Собранието по отворена дискусија за надминатите причини за суспензија.
Член 20
Укинување на членството предлага Претседателот на здружението, член на Управниот одбор или пак член на здружението, а Собранието донесува одлука со двотретинско мнозинство.
Членот кој е предложен да биде исклучен пред изгласувањето на предлог одлуката на седница на Собранието, има право и обврска да се обрати.
Собранието донесува одлука за исклучување на членот со двотретинско мнозинство од присутните членови.
Губењето на членството значи дека лицето не може повторно да стане член на здружението во рок од две години.
УПРАВУВАЊЕ СО ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 21
Со ИНРЕКОМ Скопје управува организираното членство на ИНРЕКОМ Скопје непосредно или преку свои претставници во органите и Собранието како највисок орган.
Член 22
Права и обврски на членот/претставникот се:
– да избира и да биде биран во органите на ИНРЕКОМ Скопје;
– редовно и уредно да плаќа членарина;
– да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
– да покренува иницијативи;
– да работи на развивање и унапредување на општествените и други активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
– да ги спроведува, во целост, одредбите од Статутот и програмските активности;
– да ги застапува интересите и ставовите на ИНРЕКОМ Скопје;
– да бара стручна и друга помош од областа на материјата;
– во секое време да бара и да добие увид во финансиското работење на ИНРЕКОМ Скопје;
– активно да работи на реализација на програмите;
– да биде благовремено и точно информиран за активностите на ИНРЕКОМ Скопје;
– да исполнува и други обврски кон здружението кои произлегуваат од овој Статут или друг интерен акт.
ОРГАНИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 25
Органи на ИНРЕКОМ Скопје се:
– Собрание на ИНРЕКОМ Скопје;
– Управен одбор на ИНРЕКОМ Скопје.
СОБРАНИЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 26
Собранието на ИНРЕКОМ Скопје е составено од членовите на ИНРЕКОМ Скопје, според последниот ажуриран регистар на членови во тековната календарска година.
Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Член 27
Седници на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје свикува Претседателот на здружението ИНРЕКОМ Скопје, кој воедно е и Претседател на Собранието.
Седница на Собранието се свикува и по предлог на Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје или на една третина од вкупниот број членови на Собранието.
Ако Претседателот на Собранието во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.
Претседателот, Управниот одбор или иницијаторите, седницата ја свикува по писмен пат со достава на покана: во хартиена или електронска форма, предлог дневниот ред и материјалите најмалку 5 дена пред одржувањето на седницата.
Член 28
Седницата може да биде одложена доколку за тоа се произнесат мнозинството од присутните членови на Собранието.
Презакажувањето на седницата не може да биде подолго од 7 дена.
Член 29
Собранието на ИНРЕКОМ Скопје од редовите на своите членови, на редовни или вонредни собранија, избира Управен одбор кој е извршен орган на Собранието.
Собранието на ИНРЕКОМ Скопје на редовни или вонредни собранија може да именува член на Управниот одбор кој е надворешно лице, кое не е член на здружението, но со своето знаење и искуство ќе допринесе кон квалитетно остварување на целите и задачите на Здружението.
Член 30
Собранието полноважно одлучува, ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови.
Членот кој е спречен да присуствува може да назначи свој претставник.
Собранието по правило донесува одлуки со мнозинство гласови од присутните членови, освен доколку не е поинаку наведено во овој Статут.
Гласот на Претседателот на Собранието е одлучувачки во случај на еднаква поделба на гласовите (еднаков број на гласови).
Член 31
Во надлежност на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје е следново:
– го донесува Статутот на ИНРЕКОМ Скопје и врши измени и дополнувања на Статутот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје;
– со двотретинско мнозинство и тајно гласање го избира и го разрешува Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје, кој воедно е и Претседател на Собранието и Претседател на Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје;
– избира членови во здружението со апсолутно мнозинство;
– со двотретинско мнозинство одлучува за исклучување односно разрешување на членови од здружението;
– усвојува стратегија за работа на ИНРЕКОМ Скопје, операционализирана во годишни програми;
– го разгледува и усвојува годишниот извештај и годишниот план за работа поднесен од Претседателот, и ја следи материјално-финансиската состојба на ИНРЕКОМ Скопје помеѓу две собранија;
– донесува финансиски план и усвојува завршна сметка на ИНРЕКОМ Скопје;
– расправа за постигнатите резултати односно развојот на ИНРЕКОМ Скопје и дава насоки за понатамошен развој на ИНРЕКОМ Скопје;
– донесува одлуки, заклучоци и препораки од интерес на ИНРЕКОМ Скопје;
– одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство;
– одлучува за други прашања кои не се во надлежност на другите органи;
– избира надворешен независен ревизор;
– одлучува за големи зделки;
– врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.
Член 32
Мандатот на Претседателот на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје е четири години, со право на неограничен реизбор.
Член 33
Прашања од делокругот на работа на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје коишто не се регулирани со овој Статут ќе се допрецизираат и уредат со Деловник за работа на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје.
УПРАВЕН ОДБОР НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ Скопје
Член 34
Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на ИНРЕКОМ Скопје, во согласност со Статутот.
Член на Извршниот одбор се изема од гласање за прашања поврзани со него и за прашања кои се однесуваат на некое лице врз кое тој има контрола или економски интерес .
Член 35
Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје брои пет (5) члена.
Во Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје членуваат: Извршниот директор кој е воедно и Претседател на Собранието и Претседател на Управниот одбор и четворица членови кои се избираат од страна на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје, а се членови на здружението според последниот ажуриран регистар во тековната календарска година.
За член на Управниот одбор може да биде именуван секој член на Здружението, како и надворешни лица кои не се членови на здружението, но со своето знаење и искуство ќе допринесат кон квалитетно остварување на целите и задачите на Здружението.
Мандатот на сите членови на Управниот одбор трае четири (4) години со право на повторен реизбор.
Членовите на Управниот одбор имаат право на месечен надомест за учество и работа на седниците на Управниот одбор.
Член 36
Во надлежност на Управниот одбор е следново:
– ги спроведува статутарните и програмските задачи на ИНРЕКОМ Скопје како и одлуките и заклучоците на Собранието;
– избира Програмски координатор за потребите на Извршината канцеларија на предлог на Извршниот директор;
– одлучува за воспоставување и престанок на работен однос на членовите на Извршната канцеларија, на предлог на Извршниот директор;
– ги разгледува годишниот извештај и годишниот план за работа подготвени од Претседателот односно Извршниот директор;
– предлага измени и дополнувања на Статутот до Собранието;
– донесува соодветни правилници, прифаќа спогодби и склучува договори;
– одлучува за основање на трговски друштва;
– свикува седници на Собранието и подготвува материјали;
– донесува одлуки за формирање на постојани и привремени комисии и ја насочува нивната работа;
– организира и активно учествува во организирањето на разни акции и манифестации;
– донесува одлуки за набавка и отуѓување на основните средства;
– дава согласност на Правилникот за организација на работите и работните задачи на Извршната канцеларија на ИНРЕКОМ Скопје;
– донесува одлуки по приговори и жалби;
– предлага надворешен независен ревизор до Собранието;
– врши и други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на ИНРЕКОМ Скопје.
Член 37
Управниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на ИНРЕКОМ Скопје.
Член 38
Управниот одбор се состанува и одржува седници по потреба.
Седница на Управниот одбор ја свикува Извршниот директор.
Предлог за свикување на Управниот одбор може да поднесе и една половина од Управниот одбор или една третина од претставниците во Собранието.
Со седницата раководи и претседава Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје, а во негово отсуство ќе раководи член од Управниот одбор кој ќе го назначи Претседателот.
Одлуките на Управниот одбор се носат со апсолутно мнозинство, освен во случаи кога е поинаку предвидено.
Гласот на Претседателот на Управниот одбор, односно Извршниот директор е одлучувачки во случај на еднаква поделба на гласовите (еднаков број на гласови).
Начинот на свикување на седницата и други прашања од работењето на Управниот одбор се уредуваат со Деловник за работа на Управниот одбор на ИНРЕКОМ Скопје.
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИНРЕКОМ СКОПЈЕ И ПРОГРАМСКИ КООРДИНАТОР
Член 39
Претседателот на здружението, односно Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје го избира Собранието, од својот состав, со мандат од четири години, со право на неограничен реизбор.
Извршниот директор кога е отсутен или спречен да присуствува, го заменува член од Управниот одбор кој ќе го назначи Претседателот.
Член 40
Претседателот на здружението, односно Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје се грижи за законитоста и правилноста на работата на ИНРЕКОМ Скопје.
Претседателот на ИНРЕКОМ Скопје го свикува, го утврдува дневниот ред и претседава со седниците на Собранието, се грижи за извршувањето на одлуките и извршува други работи утврдени со Статутот.
Претседателот на ИНРЕКОМ Скопје го свикува, го утврдува дневниот ред и претседава со седниците на Управниот одбор, се грижи за извршување на одлуките и извршува други работи утврдени со Статутот.
Претседателот на здружението односно Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје има овластување за финансиски потписник во однос на средствата и имотот на ИНРЕКОМ Скопје и може да ги пренесе на лице кое ќе го овласти.
Претседателот на здружението односно Извршниот директор за својата работа одговара пред Собранието на ИНРЕКОМ Скопје.
Член 41
Права, обврски и надлежности на Претседателот (односно Извршниот директор) на ИНРЕКОМ Скопје се:
– се грижи за внатрешната организација и функционирањето на органите и телата на ИНРЕКОМ Скопје;
– во правниот промет презема мерки и дејствија во име и за сметка на ИНРЕКОМ Скопје или овластува член на Управниот одбор со посебна одлука;
– склучува договори и спогодби во име и за сметка на ИНРЕКОМ Скопје;
– е наредбодавател и потписник во име за и за сметка на ИНРЕКОМ Скопје;
– именува Програмски координатор за потребите на Извршната канцеларија на седница на Управниот одбор;
– одлучува заедно со Програмскиот координатор за кадровски прашања во рамки на Извршната канцеларија;
– се грижи за благовремено извршување на одлуките и заклучоците донесени од Собранието и Управниот одбор;
– се грижи за правилна примена на законските прописи и заклучоци во областа на дејностите што ги врши ИНРЕКОМ Скопје;
– одговорен е за извршувањето на финансискиот план;
– заедно со Програмскиот координатор е одговорен за извршување на програмата за работа;
– управува, ги координира, евалуира и насочува проектните и програмските активности на Извршната канцеларија заедно со Програмскиот координатор;
– ги води и мотивира соработниците вработени во Извршната канцеларија, воспоставувајќи показатели и ги оценува работните достигнувања преку одлучување за награди и санкции (материјална и дисциплинска одговорност);
– предлага воспоставување или прекинување на работен однос во рамки на Извршната канцеларија;
– заедно со Програмскиот координатор одлучува за работен ангажман на лица надвор од Извршната канцеларија.
Мандатот на Претседателот на здружението, односно Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје е четири години, со право на неограничен реизбор.
Член 42
Права, обврски и надлежности на Програмскиот координатор на ИНРЕКОМ Скопје се:
– заедно со Извршниот директор управува, ги координира, евалуира и насочува проектните и програмските активности на Извршната канцеларија;
– одлучува заедно со Извршниот директор за кадровски прашања во рамки на Извршната канцеларија;
– се грижи за квалитетот на продуктите и активностите од проектните циклуси;
– до Извршниот директор дава предлози за дисциплинска и материјална одговорност;
– се грижи за благовремено извршување на одлуките и заклучоците донесени од Собранието и од Управниот одбор;
– одржува редовни состаноци со раководителите на центрите и проектните менаџери;
– заедно со Извршниот директор подготвува, во координација и со другите релевантни страни, проектни апликации и го следи напредокот на овие апликации;
– го следи и поддржува перформансот на волонтерите кои работат во рамките на ИНРЕКОМ Скопје;
– го раководи подготвувањето на стратегијата за работа на ИНРЕКОМ Скопје, заедно со Извршниот директор и придонесува за развој и за имплементација на сродните стратегиски планови, политики и процедури;
– заедно со Извршниот директор е одговорен за извршување на програмата за работа;
– го подготвува годишниот извештај и годишниот план за работа заедно со Извршниот директор;
– потписник е на сметката на ИНРЕКОМ Скопје со ограничени овластувања;
– во отсуство и со овластување на Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје склучува договори и спогодби во име и за сметка на ИНРЕКОМ Скопје;
– заедно со Извршниот директор одлучува за работен ангажман на лица надвор од Извршната канцеларија.
Мандатот на Програмскиот координатор е четири години, со право на неограничен реизбор, а неговиот избор го врши Извршниот директор на седница на Управниот одбор.
За Програмски координатор може да биде именуван секој член на Здружението, како и надворешно лице кое не е член на здружението, но со своето знаење и искуство ќе допринесе кон квалитетно остварување на целите и задачите на Здружението.
ИЗВРШНА КАНЦЕЛАРИЈА НА ИНСТИТУТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 43
За извршување на финансиските, административно-стручните и проектните активности кои произлегуваат од работата и целите на ИНРЕКОМ Скопје, се формира Извршна канцеларија.
Член 44
Правата, обврските и одговорностите за работа на вработените во Извршната канцеларија ги утврдува Програмскиот координатор во координација со Извршниот директор на ИНРЕКОМ Скопје, во согласност со законските норми и Статутот.
Член 45
Средствата за работа на стручната служба се определуваат со финансиски план секоја година и тоа: средства за плати, средства за заедничка потрошувачка, средства за материјални трошоци, средства за посебна намена за нормално извршување на функцијата.
Член 46
Со Извршната канцеларија на ИНРЕКОМ Скопје раководи Програмскиот координатор на ИНРЕКОМ Скопје, во координација со Извршниот директор.
Вработените во стручните служби не можат да бидат избрани за членови на извршните органи на здружението на граѓани.
Член 47
Извршната канцеларија има организациони единици.
За организационите единици, за нивниот број, вид и делокруг на работа, односно целокупната организација на Извршната канцеларија одлучува Управниот одбор.
Организацијата и работа на Извршната канцеларија се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор.
Член 48
Во надлежност на извршната канцеларија на ИНРЕКОМ Скопје е да:
– ги следи и анализира трендовите и проблемите на пазарот на електронски комуникации и на пазарот со медиуми;
– подготвува седници на органите и соодветните материјали;
– ги спроведува сите планирани активности на ИНРЕКОМ Скопје, во рамките утврдени со годишниот план за работа и со финансискиот план;
– подготвува среднорочни и годишни планови за работа и финансиски планови;
– работи со финансиски средства за обезбедување на максимална повратност и мобилизира нови извори;
– извршува канцелариски работи и ја чува архивата и води сметководство;
– поднесува извештаи за работата;
– идентификува и формулира програми, подготвува документација и се грижи за спроведувањето на програмски активности, нивно набљудување и оценување;
– одржува односи со јавноста.
ПРЕСТАНОК СО РАБОТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО ИНСТИТУТ ЗА РАЗВОЈ НА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ ИНРЕКОМ СКОПЈЕ
Член 49
ИНРЕКОМ ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на ИНРЕКОМ Скопје, ако бројот на членови се намали под бројот определен за основање или пак ако настапат причини утврдени со член 63 од Законот.
Одлуката за престанок со работа на ИНРЕКОМ донесува Собранието на ИНРЕКОМ Скопје, со двотретинско мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје.
Член 50
По престанокот на работа на ИНРЕКОМ Скопје, имотот и другите права и приходи по намирување на обврските ќе се пренаменат во хуманитарни цели со одлука на Собранието на ИНРЕКОМ Скопје, донесена со двотретинско мнозинство.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 51
Право на толкување на одредбите на овој Статут има Собранието на ИНРЕКОМ Скопје, а помеѓу две собранија има право Управниот одбор.
Член 52
Измени и дополнувања на овој Статут се врши по иста постапка како и за неговото донесување.
Член 53
Овој Статут стапува во сила на денот на неговото донесување, а има важност со денот на упис на здружението во Регистарот на други правни лица при Централниот регистар.