Институтот за развој на електронски комуникации веќе 7 години активно се вложува во насока на поттикнување на дигиталното управување и реформи на електронските комуникации и медиумските услуги преку спроведување на темелни истражувања и детални анализи.
Историјата на Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ во Скопје започнува во летото на 2018 година. Група млади политолози и новинари, инспирирани од идејата за создавање на невладина организација, се стремеа да формираат значаен и препознатлив субјект во областа на промоцијата и унапредувањето на електронските комуникации и медиумските услуги во Македонија.
Од тогаш, ИНРЕКОМ започна со активности, при што визијата за дигитализација на Македонија не само што не стагнираше, туку и постојано се зајакнуваше и унапредуваше преку нашите коментари, предлози, истражувања и анализи.
Како независен истражувачки институт, во текот на последните седум години преку истражувања, анализи, застапување и соработка со заедницата и институциите, активно се фокусираме на теми како што се развојот на независни медиуми, електронските комуникации, дигитализацијата и дигиталната демократија, инспирирани од визијата за независни медиуми, регулатори и дигитално општество.
Во последните 7 години, ИНРЕКОМ може да се пофали со следниве бројки:
✅ 10-на реализирани проекти
📚 10-на публикации, коментари, реакции и мислења за извештаи и предлог закони
📊 20-на спроведени истражувања на јавното мислење и истражувања на пазари за сопствени потреби и потреби на клиенти
🔍 10-на мониторирани регулаторни тела, државни институции и оператори
📝 10-на склучени меморандуми за соработка
📰 споделени објави во над 70-на медиуми
Од самото основање, ги следиме сите законски прописи поврзани со функционирањето на граѓанските организации. Непрекинато ги подобруваме нашите процедури за ефикасно функционирање преку развивање на стратегиски, акциски и комуникациски планови.
Во 2025 година беше усвоен повеќегодишен стратешки план за развој, кој ги замени општите области како „електронски комуникации“ и „медиуми“ со поконкретни дефиниции, овозможувајќи Институтот да се фокусира подетално кон:
– класични и модерни медиуми, слободата на говор, медиумската и информациската писменост
– развој на дигитализацијата и дигиталната писменост
– следење на операторите на електронски комуникации
– сајбер безбедност и хибридни закани со акцент на лажни вести
– мониторинг на процесот за следење на електронските комуникации и работата на агенцијата надлежна за следењето на комуникациите
– сајбер булингот и говорот на омраза
– дигиталната трансформација на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги
– следење на процесите во електронското банкарство, крипто валутите и дигиталниот маркетинг
Во наредниот период планираме повторно активирање на информативниот портал НТВ.мк, продолжување на поткастот Инфотек, како и отворање на Академија за медиумска, информациска и дигитална писменост која ќе организира обуки, работилници, каравани и летни кампови и нов специјализиран информативен портал DigiThink кој ќе објавува статии за операторите, медиумите и технологијата. Дополнително, ИНРЕКОМ има намера да го засили обезбедувањето правна и друга помош за поднесување на приговори до операторите и регулаторните тела од страна на корисниците.
Институтот ќе продолжи да работи на застапување на политики за независни регулаторни тела, развој на пазарот на електронски комуникации, како и за независни и професионални медиуми.
ИНРЕКОМ останува отворен за млади талентирани индивидуи кои преку волонтерство придонесуваат за успешната репутација на Институтот со свои идеи и учество во истражувањата. Продолжуваме и да го зголемуваме бројот на вклучени истражувачи во проектите кои ќе претстојат во наредниот период. Ја продолжуваме и ќе ја засилиме соработката со нашите партнери, пријатели и клиенти.
За крај, во изминатите седум години, бројни медиуми и новинари го следеа развојот на ИНРЕКОМ, чија поддршка беше од суштинско значење за тоа што Институтот е денес, и за тоа сме им неизмерно благодарни.