ДИГИ МЕТАР: постизборно мониторинг мерење на политичките ветувања за дигитализација на Македонија

Институтот за развој на електронски комуникации – ИНРЕКОМ Скопје во наредниот четири годишен период ќе го следи исполнувањето на Владиното ветување за проекти и мерки во поглед на дигиталната трансформација и развој на информатичкото општество и медиумите.

Владата на Република Македонија ја сочинува коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и движењето ЗНАМ.
Владината програма за работа е усогласување на политичките предизборни програми: „Платформа 1198“, „План 2030“ и „Проглас за достоинствена Македонија“.

ИНРЕКОМ ги има наведено таксативно сите проекти поврзани со дигиталната трансформација и редовно ќе го ажурира статусот на проектот односно мерката, дали ветувањето е реализирано или не.

Платформа 1198 - коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ

Нашата визија е да креираме подобро опкружување за даночните обврзници и за даночните службеници, засновано на праведност, соработка, транспарентност и зајакната доверба. Со дигитална трансформација, иновативни пристапи и примена на нови технологии, УЈП ќе ги мобилизира даночните приходи кои се клучен извор на јавните финансии. Нашата визија за нов лик на УЈП се темели на реформата 4Д (Дигитализација, Даночни обврзници, Даночни приходи и Даночна администрација), која опфаќа повеќе активности и проекти:

1. Нов интегриран електронски систем во УЈП, компатибилен со електронските системи на другите државни институции. Овој систем ќе овозможи автоматизација и дигитализација на работните процеси и услугите на УЈП. Тоа ќе ги намали трошоците за фирмите и граѓаните и ќе ја олесни нивната интеракција со УЈП за плаќање на обврските, поврат на даноци и други услуги. Истовремено, на ваков начин ќе се зајакне детектирањето на ризичните даночни обврзници и ќе се зајакне ефективноста на инспециска- та контрола и целокупното администрирање на даноците;

2. Воведување бесконтактни алатки и иновативни начини за да бидеме поблиску до даночните обврзници (објаснувачки видеа, потсетници и пораки во електронско сандаче, виртуелна даночна канцеларија наместо традиционални шалтери и сл.);

3. Електронско издавање на уверенија и потврди и други даночни документи на барање на даночните обврзници, со утврдени и јавно објавени стандарди за квалитет во постапката (рок за издавање и сл.);

Електронската фактура (Е-фактура) ќе го забрза работењето помеѓу субјектите од приватниот и јавниот сектор преку електронскиот систем на УЈП. Е-фактурата ќе овозможи електронски да се издаваат, да се доставуваат и да се примаат фактурите од сите даночни обврзници, вклучително и фискализација на е-трговијата, преку единствениот систем на УЈП. Тоа ќе ги намали бирократските процедури и ќе ја намали сивата економија преку елиминирање на издавањето на фиктивни фактури за поврат на ДДВ. На овој начин, УЈП во реално време ќе располага со податоци за деловните трансакции, прометот меѓу економските оператори и реалниот износ на искажан ДДВ по трансакција и по даночен обврзник за одреден даночен период. Ќе се создадат услови УЈП да издава однапред пополнета пријава за ДДВ за сите обврзници врз основа на претходните евидентирани фактури.

Дигитализација на Царинската управа, воведување на нови е-услуги како и електронско поднесување и издавање на документи кои во моментов физички се поднесуваат и се издаваат на шалтерите на Царинската управа. На овој начин ќе се овозможи електронско поднесување на заверени и скени- рани документи и преземање на електронски потпишаните документи од Царинската управа. Оваа мерка ќе ја олесни постапката на поднесување и издавање на документација, ќе доведе до комплетно воведување на безхар- тиена околина, ќе ги намали трошоците на физичките лица и економските оператори, ќе обезбеди значително побрз поквалитетен и потранспарентен сервис кон граѓаните и деловните субјекти, а со тоа ќе ги намали и ризиците од коруптивни делувања.

За да поттикнеме одржлив раст на извозот, покрај подобрување на транспортната и енергетска инфраструктура, се обврзуваме на реформи во трговската политика:
1. Рационализирање и дигитализирање на граничните процедури и зајакнување на меѓуагенциската координација за да се намалат доцнењата во царинењето и непотребните трговски трошоци со главните трговски партнери;

Во рамките на Службен весник ќе се направи е-Регистар на закони и подза- конски акти по области. Целта е државата да обезбеди на едно место достапност на целокупната законска регулатива, систематизирана на јасен начин и лесна за пронаоѓање со цел да се зголеми ефикасноста на носењето на одлуки како од страна на приватниот, така и од страна на јавниот сектор.

Сивата економија сериозно ја нарушува конкурентноста на фирмите кои редовно и дисциплинирано плаќаат даноци, придонеси и други јавни давачки од кои се финансираат сите потреби на буџетот. Намалувањето на сивата економија ќе создаде рамен терен за игра на фирмите и нивна поголема конкурентност. Затоа, во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ се обврзува:

1. Да го дигитализира и да го поедностави регистрирањето на микро и мали фирми, како и пријавувањето на работници ангажирани на пократок рок и сезонски, посебно во дејностите трговија на мало, градежништво и дру- ги услужни дејности;

2. Да ја заштити електронската трговија од нерегистрирани трговци со измени на законодавството и да гарантира плаќање на даноци.

За следење и контрола на парафискалните давачки, ќе изработиме дигитален регистар во кој ќе се внесат сите парафискални давачки кои се наплаќаат на централно и локално ниво. Во соработка со коморите, редовно ќе се ревидира оваа листа со цел да се укинат или да се намалат дел од парафискалните давачки, кои создаваат дополнителен трошок за фирмите и ја намалуваат нивната конкурентност.

Преку измени во наставните програми во основното и во средното образование кои се однесуваат на новиот дигитален свет – алгоритамско размислување, работа со податоци, дисруптивни технологии, вештачка интелигенција и генеративна вештачка интелигенција, основи на програмирањето, работа со мултимедијални содржини, табели и презентации, онлајн безбедност, како и претприемливост, цели генерации ученици ќе бидат подготвени за работните места на иднината.

Ќе дизајнираме модул за обука за средношколци и студенти за стекнување на средно ниво на дигитални вештини. По успешното завршување на модулот, ќе биде генериран сертификат за дигитална писменост. Модулот ќе овозможи секое 18-годишно лице да има барем средно ниво на дигитална писменост.

Со оглед дека главниот извор за квалификувана работна сила е формалното ИКТ образование, неопходно е да се работи на унапредување на квалитетот и квантитетот на „технолошкиот талент“. Затоа планираме:

1. Проширување на квотите на ИКТ факултетите, модернизирање на програмите, воведување на мастер програми од доменот на дисруптивните технологии, поддршка за набавка на инфраструктура и развој на компетенции во областите на High-Performance Computing, High-Performance Data Analytics и вештачка интелигенција;

2. Систем на ваучерска поддршка за дипломираните студенти да посетуваат сертифицирана ИТ обука на напредно ниво;

3. Поддршка на приватниот сектор за напредни ИКТ обуки на работната сила;

4. Проширување на обемот на програмите за преквалификација на работна сила во ИКТ работна сила;

5. Напредни ИКТ обуки за невработени лица – во соработка со приватни провајдери и државни универзитети, преку ваучерска поддршка, ќе овозможиме напредни ИКТ обуки за невработени лица кои по завршување на обуката ќе имаат обврска да останат и да работат во државата;

6. Обуки за сајбер безбедност: во соработка со академската заедница ќе бидат спроведени обуки за безбедност на Интернет, чија цел е зголемување на свеста кај децата и младите, нивните родители и наставници за потенцијалните закани од нарушување на приватноста на Интернет.

Ќе разработиме проект за Скопје Смарт. Овој проект ќе има трансформациска вредност за македонската економија, во насока на привлекување на компании со висока технологија, кои ќе отворат високоплатени работни места за младите луѓе со ИКТ, машински, електро и други слични квалификации, како и економисти и финансиски експерти за финтеккомпаниите. Истовремено, ќе се обезбеди студирање на високо рангиран меѓународен универзитет во наведените технички и бизнис-области, како и во областа на креативните уметности.

Ќе создадеме просторни и логистички услови, привлекување на инвеститори со стимулативни мерки за изградба на најсовремен технолошки парк, кој ќе вклучи:

1. Деловен простор, како што се канцеларии за компании во избрани сектори за висока технологија и медиуми, вклучително истражување и развој на технологии (центри за податоци (датацентри), интернет на нештата (IoT), роботика, сајбер–безбедност);

2. Образовен центар кој вклучува меѓународен кампус на некои од најдобрите глобални универзитети на технолошки студии и меѓународна и деловна економија;

3. Град на културата – што вклучува изградба, организирање и управување со филмски и музички студија, како и училишта за креативни уметности;

4. Мултифункционален туристичко-хотелиерски комплекс – со светски познати хотели и конференциски центар што ќе помогне во функционалноста на технолошкиот парк, како и во развојот на конференциски туризам, рекреација и други деловни патувања во земјата.

Скопје Смарт ќе овозможи пренос на знаење на македонските граѓани, студентите и вработените, привлекувајќи во исто време човечки ресурси способни дополнително да ги зголемат придобивките и влијанието кон економијата на земјата.

Директните придобивки од Скопје Смарт се во зголемување на БДП и вработеноста на македонските професионалци, намалување на иселувањето на стручните лица и младата високообразована популација, воведување и развој на нови технологии кои ќе ја зголемат конкурентноста на македонската економија, зголемување на извозот на технолошки услуги што доведува до намалување на трговскиот дефицит и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Ќе обезбедиме дополнителна поддршка на интернационализацијата на домашните ИКТ компании, како и поддршка на извозно ориентираните софтверски компании. Ќе вложуваме во поголема конкурентност на македонските производи и услуги на светските пазари, преку дополнителните регулаторни и даночни олеснувања, субвенционирање на обуки и едукација од областа на дисруптивните технологии.

Ќе овозможиме отворање на R&D центри на глобалните технолошки компании во земјата, а тоа ќе помогне за унапредување на вештините на домашниот технолошки талент, развојот на иновациите и конкурентноста, креирањето на долгорочни партнерства и позиционирањето на земјата на глобалната технолошка мапа.

Планираме пакет на даночни поволности за преселување на ИТ компании во Македонија. На овој начин ќе отвориме бројни високоплатени работни места, ќе го подобриме стандардот на граѓаните, а ќе се овозможи и трансфер на технологии и знаење. Дополнително, планираме стипендирање на студенти во овие индустрии, за истите да останат во Македонија.

Визијата на ВМРО-ДПМНЕ е што повеќе македонски граѓани ангажирани на меѓународни проекти, да живеат дома и да работат од Македонија. Затоа, ќе предвидиме законски можности за препознавање на категоријата „фриленсер“, како лица што работат на далечина на проекти преку дигитални платформи, по примерот на европски држави предводници во оваа област. Нашата цел е да се мотивира оваа група високоплатени лица своите финансии да ги добива во државата, но и да се избегнат потенцијалните злоупотреби.

 

Ќе овозможиме даночен пакет за овие лица со даночни ослободувања во зависност од висината на нивните месечни примања. Во рамки на овој пакет, предвидуваме зголемување на границата за ДДВ обврзник (физичко лице) од два на три милиони денари. Преку промени во трудовото законодавство, ќе ги олесниме процедурите за пријавување на нивната работа, а ќе ги поддржиме и проектите за отворање на фриленсерски (freelance) хабови во сите градови во Македонија.

 

Активно ќе работиме да овозможиме глобалните платежни процесори да бидат достапни во Македонија.

Ќе поддржиме соработка на јавните институции со стартапи и иновативни компании за решавање на проблеми на граѓаните на централно и локално ниво и севкупниот развој на екосистемот: онлајн содржини и мобилни апликации, хакатони, поддршка за учество на меѓународни натпревари, олимпијади и специјализирани обуки на талентирани ученици и студенти, дигитални содржини за деца или млади, апликации што користат отворени податоци.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе даде силна институционална и законска поддршка на иницијативи за поголема и полесна имплементација на новите технологии во финансиската сфера – финтек (FinTech). Оваа област ја опфаќа примената на алгоритми за вештачка интелигенција и машинско учење, технологии засновани на облак, блокчеин или технологија на дистрибуирана книга на записи, паметни телефони.

 

На пазарот на капитал, финансиска иновација е платформа за инвестирање (crowdfunding platform) каде инвеститорите можат да тргуваат со акциите од стартапи со користење на блокчеин технологија. Идната Влада на ВМРО–ДПМНЕ ќе работи на овозможување на целосна функционалност на платформите за електронски трансфер на средства преку Интернет што ќе вклучува испраќање и примање средства.

Најнапредните земји како Германија, Швајцарија и САД, воведоа можност граѓаните да можат да купуваат, да држат и да продаваат крипто-средства преку банкарските сметки, наместо исклучиво преку финтек-апликации. Ќе пристапиме кон дефинирање на крипто-валутите (крипто-средствата), како специфичен вид нематеријално средство засновано на дигитални технологии.

 

Предвидуваме можности банките во Македонија да можат да продаваат и да чуваат крипто-средства на приватни правни и физички лица и на институционални инвеститори, со цел физичките и правните лица да можат да купат биткоини, етереуми и други крипто-валути во банка.

 

Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предвидува и директни погодности за инвеститорите, како што е: 0% данок на додадена вредност (ДДВ) за тргување со крипто-средства, и ослободување од данок на капитална добивка за инвеститорите до 2026 година.

Дигиталната трансформација на македонските традиционални бизниси ќе значи гаранција за нивниот опстанок и напредок. Од тие причини, неопходно ќе биде да се обезбеди сериозна институционална и финансиска поддршка за: промовирање на придобивките од дигиталната трансформација; креирање на стратегии за дигитална трансформација; набавка на решенија и нивна технолошка интеграција; користење на зелени технологии и „ecofriendly“ практики; развој на вештини кај вработените за примена на новите технологии (вештачката интелигенција, cloud, big data, IoT, блокчеин, metaverse, VR/AR, RPA, сензори, роботи, дронови, паметни градови, 5Г, платформска економија), работа со податоци, бизнис-анализи и предвидувања, агилни методологии, електронска трговија; и промовирање на отворени иновации, односно соработка со стартапи, иновативни компании и институти.

 

Само на тој начин, македонските традиционални компании ќе можат да одговорат на сè поголемите очекувања на корисниците, да ја задржат и/или да ја унапредат својата позиција на пазарот, да ја зголемат својата иновативност, ефикасност и конкурентност, т.е. да преживеат во новото дигитално време.

Проектот е-приклучок ќе овозможи аплицирањето за приклучок на електричната мрежа да биде направено преку Интернет. Граѓаните кои аплицирале ќе можат брзо и едноставно да имаат увид во постапката за нивното барање за приклучок. Преку е-приклучок ќе имаат можност за поплака до Регулаторна комисија за енергетика и Државниот инспекторат за техничка инспекција. Сите постапки ќе можат да се поднесуваат, да се водат и да се завршуваат електронски.

 

Рокот на реализација на овој проект е до крајот на 2026 година.

Ќе ја надградиме националната електронска платформа како место на коешто ќе се поврзат понудата и побарувачката на труд. Истата ќе нуди и можности за практична работа и практиканство.

Во соработка со високообразовните институции и приватниот сектор, ќе се формира Дигитален иновациски центар (ДИЦ) кој на едно место ќе обезбеди поддршка за фирмите преку креирање на пакет на основни дигитални услуги и алатки за компаниите (дигитални сертификати и токени, cloud сервиси, e-продавници итн.) во соработка со домашни ИТ компании и млади ИТ ин- женери.

 

Преку ДИЦ ќе се спроведува и програма за кофинансирање на обуки за стекнување на дигитални вештини, подигање на свеста за напредните технологии (блокчеин технологијата или технологијата на дистрибуирана книга на записи (Distributed Ledger Technology – DLT), совети за финансирање на дигиталната транзиција и промоција на примената на новите технологии.

На сите патарини во Македонија ќе овозможиме електронска наплата со што ќе добиеме многу поголема проточност на патиштата и намалена корупција. Ова е посебно важно во летно време како и за време на празниците кога има зголемена фреквенција на возила.

Со овој проект се предвидува дигитализација на системите на железничката инфраструктура и системите на железничкиот транспорт.

 

Воведување на е-билети, достапен интернет во патничките возови, воведување на комбиниран билет за железнички и градски автобуски превоз, реално време на следење на возовите, односно целосно дигитализирање на сите процеси со цел полесно спроведување на операции на вработените и достапност на информации за клиенти и патници.

 

Рокот на реализација е до 2027 година.

Електронскиот систем за донесување на урбанистички планови, воведен од владите на ВМРО-ДПМНЕ, го забрза донесувањето на плановите, но по десетгодишно негово практикување се јавува потреба од негово надополнување и усовршување. Тоа ќе овозможи поголема транспарентност, точност, ефикасност и ефективност.

 

ВМРО-ДПМНЕ, со нов Закон за урбанистичко планирање ќе овозможи целосна дигитализација и стандардизација на податоците во сите надлежни институции, кои ќе бидат достапни бесплатно преку владин гео-портал за урбанизам и просторно планирање. Гео-порталот ќе биде на располагање на сите проектантски куќи, граѓани и заинтересирани страни. Ваквиот начин ќе овозможи нулта корупција и брз, транспарентен, ефикасен и евтин начин на донесување на урбанистичките планови.

Ќе воспоставиме објективни стандарди при изготвување на документација за добивање на дозволи за градба со помош на иновативни софтверски платформи за автоматска проверка. Системот е-одобрение за градба е систем кој овозможува електронско поднесување на барања за одобрение за градба од страна на инвеститорите и обезбедување на согласностите од сите надлежни институции. Владата ќе воведe БИМ технологија (Building Information Modelling) која овозможува брзо и квалитетно проектирање со намалување на влијанието на човечкиот фактор во јавната администрација, со софтверска контрола на проектите. На тој начин се добива брза и квалитетна контрола без субјективности и коруптивни елементи во истите.

Македонија ќе го апроксимира целокупното законодавство на ЕУ во однос на просторното планирање и ќе ги искористиме најдобрите практики од САД и Јапонија, за дигитализација на процесите. Институциите во оваа област ќе бидат вертикално и хоризонтално поврзани во еден заеднички систем. Дигиталните податоци ќе бидат комплетно бесплатни, што ќе помогне на граѓаните, институциите и бизнисите.

Судиите по електронски пат ќе можат полесно да ги следат списите на предметот и да ја идентификуваат фазата во која се наоѓа случајот. Странките ќе добиваат унифициран број на водење на предметот и во секое време ќе можат електронски да го следат предметот низ сите фази од постапката. Задолжително ќе се предвиди сите одлуки, по претходно нивно анонимизирање, да бидат јавно објавени.

 

Унапредување на рамката за автоматска распределба на судските предмети по случаен избор, со цел да се избегнат можни злоупотреби при распределба на предметите во судовите.

 

Освен доставата која задолжително ќе се врши преку системот на е-достава, ќе се овозможи обвинителите и адвокатите да имаат можност и за електронска достава до судовите, со што ќе се заштеди време, ресурси и ќе се олесни начинот на комуникација меѓу сите учесници во судските постапки. Ќе се воведе и начин електронски да се поднесат барања за издавање на документи од страна на судовите, со што ќе се заштеди на времето на граѓаните, а и самата постапка ќе биде побрза.

Според утврдена програма, ќе изработиме специјализирана дигитална платформа за одржување на обуки за интегритет, препознавање, превенција и спречување на корупција во јавниот сектор. Обуките ќе се ажурираат годишно, а секој вработен ќе има обврска да ја помине обуката најмалку еднаш во текот на годината.

Во процесот на надградување на системот на електронскиот регистар на население, ќе обезбедиме услови за извршување на дигиталниот попис на население во 2026 година. Носителите на одлуки континуирано ќе имаат можност да имаат пристап до актуелни и точни податоци кои ќе се искористат во системското планирање на општествено-економските политики на државата.

Со системски пристап, ќе ја унапредиме дигиталната трансформација на јавниот сектор. Системскиот пристап првенствено ќе опфаќа прераснување на Министерството за информатичко општество и администрација во Министерство за дигитална трансформација. Ова министерство ќе има надлежност да работи на креирање политики, регулација, иницирање и спроведување на програми во однос на дигиталната трансформација на општеството и јавните услуги, како и во областите на електронските комуникации и медиумите. Активно ќе работиме на изградба на потребната инфраструктура која ќе биде носител на трансформацијата, а ќе развиваме услуги достапни на сите граѓани. Со интензивно формално и неформално образование и обуки, ќе ги вклучиме граѓаните во дигиталната трансформација за целосно искористување на потенцијалите што ги нуди.

Агенцијата за дигитализација ќе претставува централно тело во кое ќе бидат вработени сите телекомуникациски и ИТ инженери за потребите на сите државни институции, а ќе има за задача да работи на забрзување на дигиталната трансформација на сите ресори во државата, со посебен фокус на примената на вештачката интелигенција во здравството, образованието, финансиите, социјалата, земјоделството, паметните градови. При тоа, фокусот на Агенцијата ќе биде ставен на развој на современа дигитална инфраструктура (дата центар и суперкомпјутер), разработка на платформа за вештачка интелигенција, јакнење на капацитетите на јавниот сектор за работа со податоци, целосна дигитализација на јавните услуги, воведување на мобилни услуги, обуки на граѓаните за користење на дигитални услуги, дигитална инклузија на лицата со попреченост и сајбер безбедност.

Ќе ги определиме зоните во кои операторите немаат комерцијален интерес за обезбедување на електронски комуникациски мрежи/услуги (бели зони). Државата ќе проектира агрегациска мрежа во тие зони со што опе- раторите ќе имаат можност да ги обезбедат потребните мрежи/услуги до граѓаните. Домаќинствата во Македонија, кои немаат можност за пристап до Интернет со поголеми брзини, ќе бидат во фокусот на изградбата на инфраструктурата, со цел до 2028 најголемиот дел од домаќинствата во Македонија да имаат можност за пристап до Интернет со брзина од најмалку 30 Mbps.

Со цел намалување на дигиталниот јаз, ќе обезбедиме можност за пристап до Интернет на секое домаќинство во Македонија, вклучително и до домаќинствата што се наоѓаат во области во кои нема комерцијален интерес од операторите. Се работи за околу 2% од сите домаќинства што немаат пристап до Интернет со минимална брзина од 12 Mbps.

 

Со цел обезбедување универзален пристап до Интернет услугите, ќе ги олесниме административните процедури за инвестирање во овие технологии. Дополнително, сите нови објекти што ќе се градат ќе имаат можност да бидат приклучени на најмалку 3 оператори што ќе обезбедуваат брз Интернет.

По формирањето на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги разгледаме можностите за доделување на радиофреквенции за трет мрежен мобилен оператор. На тој начин ќе се обезбеди сигурна мрежа за јавните комуникациски услуги, како и поголема конкуренција во обезбедувањето на овие услуги. Тоа ќе доведе до поголема понуда на услуги со подобрен квалитет и понатамошно намалување на цените во мобилната телефонија и мобилниот Интернет.

ВМРО-ДПМНЕ по преземање на власта ќе ги спроведе следниве мерки за распространување на 5G мрежата:

 

1.До крајот на 2025, сите главни патни правци во Македонија да бидат покриени со 5G;

 

2. До крајот на 2027, сите големи градови со над 13 000 жители да бидат покриени со 5G;

 

3. До крајот на 2030, сите граѓани на Македонија да имаат можност за пристап до 5G co брзина на пристап од најмалку 100 Mbps.

Ќе се направат напори да се потпише спогодба за намалување на цените на услугите во роаминг и со останати држави, а особено со државите членки на ЕУ.

Со цел обединување на капацитетите и зголемување на бројот на активности за справување со сајбер-заканите, предвидуваме донесување на нова национална стратегија за сајбер-безбедност. Стратегијата ќе содржи и акциски план за надминување на досегашните сајбер-напади и закани, ќе дефинира јасна структура на управување за сајбер-безбедноста, заштита на државните системи и превенција.

 

Стратегијата за сајбер-безбедност ќе биде усогласена со стратегијата на ЕУ и заложбите за сајбер-одбрана на НАТО. Тоа ќе овозможи надградба на застарените системи и софтвери за да се минимизираат системските недостатоци и пропусти.

Преку овозможување на сопствени трајни IP адреси на сите државни институции во еден IP адресен регистар, како и преку мерки за подобрување на безбедноста при преносот на податоци, ќе обезбедиме поголема заштита на ИКТ системите во јавната администрација и нивно непречено функционирање.

Владата ќе ги помага општините во дигитализацијата кон систем на паметен град. Овој систем ќе придонесе првенствено за подигнувањето на квалитетот на живот (паркирање, управување со сообраќај, јавен транспорт, квалитет на воздух и вода). Истиот ќе ја подобри комуникацијата меѓу граѓаните, бизнисите и локалната самоуправа, ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите добивање онлајн услуги од локалната самоуправа. На овој начин ќе се придонесе и кон развој на директната демократија во општините со учество на граѓаните.

Нашата цел е да овозможиме непречено користење на јавните услуги од страна на сите граѓани. За таа цел, ќе воведеме дигитален идентитет за секој граѓанин со што граѓаните ќе бидат препознаени во дигиталниот простор. Тоа ќе овозможи масовно користење дигитални јавни услуги од страна на сите граѓани и компании.

 

Електронски идентитет (e-ID) е дигитално решение за докажување на идентитетот на граѓаните или правните лица. Тој може да се користи за пристап до придобивките или услугите обезбедени од државните институции, банките или други компании, за мобилни плаќања, сертификат за електронски потпис, како и за онлајн автентикација. Електронската идентификациска картичка, која ќе биде вградена во физичката лична карта, може да се користи за онлајн и офлајн лична идентификација или автентикација.

Ќе овозможиме граѓаните да можат електронски да ги испраќаат барањата за сите достапни јавни услуги до институциите и електронски да ги добиваат потребните документи, преку компјутер или паметен телефон. Институциите ќе имаат можност да користат свои идентификациски алатки за потпишување на потребните документи.

 

Во првата година, целосно ќе се дигитализираат клучните регистри кои се од голем интерес за граѓаните. Приоритет ќе бидат 12-те електронски услуги кои ги пропишува Европската комисија, во делот на добивањето изводи, започнувањето бизнис и добивањето потврди. На крајот од четиригодишниот мандат, сите институции ќе ги испорачуваат најголем дел од своите услуги и во електронска форма. Оваа мерка има за цел да го скрати времето на чекање на граѓаните, метежот пред шалтерите во институциите и да го поттикне и да го олесни бизнисот.

 

Една од првите услуги кои планираме да ги дигитализираме е пријавувањето на новороденче. Со тоа ќе се скрати сегашното чекање за прв извод на новороденче, а со автоматската регистрација нотификација ќе добие и соодветниот центар за социјални работи и општините што сега даваат некаков вид финансиска поддршка.

Ќе се надгради заедничката платформа за испорака на услуги која ќе ги опслужува ИТ системите на државните институции и локалната самоуправа. Целта е рационализација на ресурсите, ефикасна испорака на услугите од државните институции, како и обезбедување на услуги што се соодветни на потребите на граѓаните и на бизнисите.

Ќе се развие електронска апликација која ќе испраќа автоматизирани потсетници до граѓаните и деловните субјекти пред истекот на важноста на одредени документи.

За да добијат услуга од државен орган, граѓаните често прибираат докази кои исто така се издаваат од државни органи. Со целосна интероперабилност помеѓу сите државни и локални институции, административните службеници ќе можат брзо да ги прибавуваат сите потребни докази и документи и значително да ја забрзаат и да ја автоматизираат испораката на услуги. Облакот на податоци ќе елиминира дуплирање на податоците, ќе обезбеди единствен извор на податоци, податоците ќе бидат точни и значително ќе се намали времето за пристап.

Ќе воведеме електронски систем за управување со документи во сите органи на државата управа и дигитализација на сите интерни процеси, вклучувајќи го архивското и деловодното работење. Со ова ќе се овозможи целосно електронска меѓуинституционална комуникација, интеграција со постојните системи на институциите, електронско следење на работните процеси, дигитално потпишување и пософистицирано управување со информациите и документите.

Во централни локации низ неколку градови ќе поставиме терминали каде што граѓаните, со помош на вработени лица, ќе можат да добијат повеќе услуги и документи од типот на извод од матична книга, имотни листови, документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Катастарот и други.

Дигитализацијата на услугите кои општините се должни да ги даваат кон граѓаните ќе биде врвен приоритет на следната Влада. Преку дигитализација на услугите ќе се намали просторот за корупција, непотребна бирократизација на постапките и испорака на услуги во најбрз можен рок.

 

Дигитализацијата на услугите кои општините се должни да ги даваат кон граѓаните ќе биде врвен приоритет на следната Влада. Преку дигитализација на услугите ќе се намали просторот за корупција, непотребна бирократизација на постапките и испорака на услуги во најбрз можен рок.

Надградување и модернизирање на системот MојTермин со цел:

 

1.Надградување на мобилна апликација за системот МојТермин за сите здравствени услуги и поволности;

 

2. Целосна дигитализација на медицински рецепти, упати, извештаи и резултати;

 

3. Интегрален и интегриран регистар за сите пациенти во форма на Е-медицинско досие кое ќе ја содржи историјата на болести за секој пациент;

 

4. Изработка на Е-медицински здравствен регистар на болести со кој ќе се добие увид во бројот, видот и фреквентноста на заболувањата во Република Македонија;

 

5. Развој на потполно интегриран здравствен електронски систем со унифицирани бази на податоци, заедно со информатичкиот сектор на ФЗОМ од едната страна и сите приватни комерцијални даватели на услуги од областа на здравството. Овој систем ќе има за задача да го унифицира здравствениот систем, како и да ја следи комплетната патека на пациентот низ сите сегменти на системот; и

 

6. Обновување на повикувачкиот (Call) центар за пријавување проблеми при користење на здравствени услуги, појаснување на процедури низ здравствениот систем, остварување на права од областа на здравствената заштита.

Државните универзитети мора да имаат поддршка при издавањето научни списанија. Со поддршката ќе се овозможи подигнување на нивниот квалитет и редовноста во издавањето, а со цел нивно квалификување на листите на постојните светски реномирани бази на научни списанија. Затоа, предвидуваме и изработка на електронска база на списанија и трудови, каде што ќе имаат пристап сите студенти и научници од универзитетите во Македонија.

Преку сеопфатен процес на дигитализација, ќе овозможиме целото високо образование да се одвива преку електронски систем. На тој начин ќе се олесни студирањето, а наставно-научниот кадар ќе се ослободи од сложените административни процедури. Со целосната дигитализација ќе се напушти концептот на хартиените индекси, пријави и заверувања.

Со цел подобрување на степенот на инклузивност во основното, средното и во високото образование во Македонија, на децата и лицата со попречености ќе се доделуваат вредносни ваучери за набавка на асистивна технологија и материјали.

Зајакнување на кадровската екипираност на МВР да се справува со сајбер-криминалот и зачестените напади и измами на кои се изложени граѓаните на интернет.

 

Постојана експертска едукација на правосудните и органите за спроведување на законот во областа на сајбер-безбедност, сајбер-криминал и електронските докази.

Со цел да се олесни пристапот до услугите што ги нуди МНР, ќе изработиме единствена веб-платформа за навремено и квалитетно информирање на сите македонски граѓани, како и за извршување на потребните дипломатско-конзуларни и административни услуги. Целта е да се модернизира, да се поедностави и да се олесни процесот на издавање на документи во дипломатско-конзуларните претставништва.

За елиминирање на проблемите како што се предолго чекање за термин, злоупотреби со влијанија за фаворизирање на граѓани со добивање термини преку ред, чекање во гужви и сл., ќе се воспостави функционален систем, кој ќе биде поврзан со електронскиот систем за издавање на лични документи на МВР.

 

Системот ќе го детектира истекот на важноста на определен документ на граѓаните и ќе ги известува граѓаните. Ќе овозможиме електронско аплицирање за обнова на документи. Ќе се воспостави систем на броеви за евидентирање на редот со цел избегнување на дополнителен метеж и нервоза кај граѓаните. На овој начин, МВР станува вистински сервис на граѓаните.

Ќе воведеме електронски систем за поднесување и следење на барањата за добивање дозвола за носење и користење на оружје. Системските промени ќе го скратат времето на чекање за дозвола на најмногу три месеци.

 

Во соработка и координација со Ловечката федерација на Македонија и Македонската спортска стрелачка федерација, но и правните субјекти кои тргуваат со оружје и муниција ќе се преземат серија суштински легислативни и организациски промени со цел конечно да се стави крај на самоволието и да се воспостави ефикасен и брз систем, ослободен од корупција.

Преку системска дигитализација на сите процеси во МВР, ќе воведеме дигитализирани постапки на менаџмент на документи, електронско водење на случаи (е-case management) и крипто комуникациско поврзување на субјектите на националната безбедност.

Ќе воведеме систем за ефикасно и навремено известување на граѓаните за непогоди во определени региони и области.

Ќе се активира Дигиталниот национален информативен систем на културното наследство – НИСКН, во чии рамки се содржани базирана веб-апликација и ГИС портал преку кој ќе се олесни пристапот до информации за целокупното културно наследство.

Дигитализацијата на установите од областа на културата ќе се одвива пре- ку неколку активности, и тоа:

 

1.Електронско осовременување на работата на сите установи од културата;

 

2. Опремување и осовременување на сите институции од областа на заштитата на културното наследство со најсовремена опрема за континуирана дигитализација на културното наследство;

 

3. Реставрација и дигитализација на македонската филмска и аудиовизуелна продукција;

 

4. Дигитализација и јавна достапност на библиотеки и архиви, како и приватни колекции со важни историски записи за македонската историја;

 

5. Презентирање на културното наследство од Македонија во светот преку современи дигитални технологии; и

 

6. Заштитна евиденција, валоризација и дигитализација на архивата на Македонската радио-телевизија.

Туристите ќе се пријавуваат електронски преку поврзан систем: сместувачки капацитети – МВР – општини, со цел реално следење на бројот на туристи, местото каде што престојуваат, должината на престој и сл. На тој начин подобро ќе се следат параметрите и ефектите од туризмот врз економијата и ќе се креираат соодветни идни стратегии засновани на релевантни параметри.

Во рамки на програмата за целосна дигитализација на услугите, ќе ја дигитализираме туристичката понуда. Домашните и странските туристи, преку апликацијата ќе можат да се запознаат со потенцијалите на Македонија, да ги добијат најважните информации за туристичките локалитети и знаменитости и самостојно да си ја креираат туристичката рута.

Поголем дел од конзуларните услуги ќе ги дигитализираме и со тоа ќе ги на- правиме многу подостапни за државјаните на Република Македонија. Ќе направиме интегриран систем во Министерството за надворешни работи, кој ќе можат да го користат сите заинтересирани лица без разлика каде живеат.

Македонската радио телевизија ќе биде поддржана да ги гради и да ги развива своите капацитети како дигитален информативен простор и за македонската дијаспора. Во таа насока ќе поддржиме:

 

1.Онлајн платформи преку кои ќе биде достапна програмата и архивите на сите канали на МРТВ со превод на регионалните балкански јазици и светски јазици во согласност со потребата;

 

2. Создавање и поставување на апликации за мобилни уреди на кои би биле поставени голем дел од програмите и продукцијата на МРТВ; и

 

3. Нов дигитален програмски сервис на Македонско радио – насочен кон Македонците кои живеат во регионот и дијаспората.

Младите луѓе најмногу ги користат придобивките на Интернетот, глобализа- цијата и модерното доба, а главен извор на заработка за некои од нив се токму трансакции од странскиот пазар. Со цел легализирање на овие приходи и овозможување на дигитална инфраструктура за полесен пристап до меѓународните пазари, настојуваме да создадеме правна рамка за трговија со криптовалути, фриленс работење, како и воведување на глобални платежни процесори во Македонија.

Ќе поддржиме формирање на младински иновативни центри со образовни и технички ресурси и простор за работа. Во рамки на овој проект предвидена е и поддршка за инкубатори и акцеларатори кои дополнително треба да помогнат за развој на иновативните стартапи да го освојат регионалниот и глобалниот пазар. Се надеваме дека во периодот што претстои корисниците на оваа мерка ќе креираат газели т.е. брзорастечки компании со приходи од неколку стотици илјади евра.

Ќе изработиме мобилна апликација преку која сите млади ќе имаат можност да користат попусти за влез во театри, музеи, институции од областа на културата, јавен превоз (автобуски и железнички), спортски натпреварувања и други настани. Дополнително ќе соработуваме со приватниот сектор за воведување попусти за млади.

Во ера на дигитални технологии достапноста на Интернетот не смее да се доведе во прашање. Затоа предвидуваме бесплатен безжичен Интернет за младите во сите студентски и ученички домови, библиотеки, читалници, младински центри и факултети. Дополнително во соработка со локалната самоуправа ќе се овозможи бесплатен Интернет на плоштадите и определени точки во урбаните средини, како и во домовите за култура и други јавни установи.

Ќе иницираме и ќе поддржиме целосна дигитализација на факултетските библиотеки на државните факултети со цел да се овозможи постојана достапност на наставните материјали и други стручни трудови за сите студенти.

Ќе воведеме можност за континуирано следење на сите активности на Собранието на Република Македонија во живо на online платформа (седници, седници на комисиите, надзорни и јавни расправи и друго).

 

Ќе креираме и база на видеозаписи од работата на Собранието и неговите работни тела кои ќе бидат достапни на онлајн платформа за сите граѓани и за сите претставници на медиумите, медиумските организации, научни институции, граѓански организации и слично.

 

Ќе работиме на подобрување на Интернет порталот на Собранието со цел лесно и адекватно да може да се стапи во контакт со институцијата и со пратениците, да се следи постапката за различни законодавни или надзорни инцијативи, да може да се пронајде записник, заклучоци, документи или стенограми од работата и сè друго што, во соработка со медиумските и новинарски организации, ќе биде утврдено како неопходно.

 

Ќе работиме на подобрување на адекватни технички и секакви други услови за работа на собранискиот канал, но и услови неопходни за работата на сите медиуми и новинари.

Врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде приближување на нејзината работа до граѓаните. Владата мора да биде орган кој ќе биде пример за својата транспарентност и иницијативност кон понатамошно подобрување на комуникацијата на државата со граѓаните.

 

Ќе воспоставиме систем со кој Владата и сите институции ќе се насочат кон подобрување на комуникацијата со граѓаните преку сите адекватни Интернет платформи. Наша цел е граѓаните да можат да ги добиваат сите информации за работата на институциите во секое време, на едноставен начин.

 

Ќе направиме стандард на минимум неопходни информации кои секоја државна институција ќе мора да ги објавува на Интернет платформа. Во тој стандард ќе мора да постои можност за информации околу раководните органи во институцијата, бројот и структурата на вработените лица, финансиското работење, планови и извештаи, програмите за работа, степенот на реализација на програмите и слични адекватни потреби.

 

Ќе го зголемиме бројот на отворени податоци во компјутерски обработлив формат. Отворените податоци редовно ќе ги ажурираме и истите ќе можат да се користат слободно, да бидат реискористени и редистрибуирани без ограничувања.

Преку законски измени ќе овозможиме целосна пристапност на веб-страниците на државните институции за лицата со попреченост, според препораките на здруженијата за заштита на лицата со попреченост.

Ќе изработиме унифицирани веб-страници кои во отворен формат ќе бидат достапни за користење на секоја општина која има потреба од нова и функционална веб-страница. Веб-страниците ќе бидат прилагодени на потребите од информирање на секоја од општините.

Во ерата на нови технологии, вештачката интелигенција и зголемената кон- курентност во македонскиот медиумски пејсаж потребно е да се предложат мерки за изградба на економски одржливи медиуми чии реални ефекти врз медиумскиот плурализам и различност нема да бидат неповолни. Тоа е гаранција за нивната слобода.

 

Нашата цел е да се заштити и да се промовира различноста на културните изрази во медиумскиот простор, вклучително и Интернет порталите, преку јасни медиумски политики кои ќе бидат градени, работени и поддржани од адекватните институции и независни здруженија на медиуми, медиумски работници и новинари.

 

Неопходно е да се поддржи обезбедување, одржливост на независните и професионални јавни медиумски услуги со понатамошен развој на транспарентни и еднакви пазарни услови за сите приватни и јавни актери. Ќе се залагаме за зајакнување на транспарентноста на сопственоста на медиумите и спречување на негативните импликации од медиумската концентрација.

 

Нашите цели се:

 

1. Развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги;

 

2. Развој на онлајн медиумите;

 

3. Промовирање на слободата на изразување;

 

4. Развој на медиумската писменост;

 

5. Развој на независната аудио, визуелна и Интернет продукција;

 

6. Поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на македонскот народ и заедниците во Република Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници;

 

7. Поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој;

 

8. Заштита на интересите на корисниците особено на малолетните лица;

 

9. Транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис;

 

10. Транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и на онлајн медиумите;

 

11. Техничко-технолошки развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, онлајн медиумите, конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичко општество;

 

12. Ефикасна борба против дезинформациите и лажните вести во медиумите и на Интернет просторот;

 

13. Поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи

Ќе поддржиме воведување ефективни саморегулаторни и корегулаторни механизми, во комбинација со воспоставување на редовни анализи на медиумскиот плурализам. Слободата на медиумскиот израз е врвна вредност на развиените демократски општества кон кои се стремиме.

 

Во однос на медиумската содржина, регулативата не треба се однесува само на проценти и квоти, туку и на неопходното фокусирање на квалитативната димензија преку спроведување мерки за обезбедување квалитетна содржина.

 

Ќе отвориме дебата со сите заинтересирани страни за измени на законските одредби за да се обезбеди конкурентност, одржливост и плурализам на медиумскиот пазар, унапредување на социјалниот и економскиот статус на новинарите, правна сигурност, еднаквост и недискриминација, промовирање на медиумскиот плурализам и одржливоста на медиумите, поттикнување на нивни развој и усогласување на правната рамка за јавниот радиодифузен сервис со европските стандарди.

Преку воведување на дигитални алатки во работењето и соработката со НВО секторот, вистински ќе профункционира порталот за соработка со граѓанското општество, кој ќе служи како онлајн ресурсен центар. На тој начин ќе се олесни и ќе се намали бирократијата со која се соочуваат граѓанските организации и фондации, а како резултат на тоа ќе имаме податоци во реално време за статусот на сите здруженија во една централна база.

 

Во рамки на порталот, ќе создадеме онлајн база на активни граѓански огранизации, како и обновување на веќе постојни национални бази на локални, национални и меѓународни повици за грантови на организации.

Потребна е понатамошна реформа на јавниот радиодифузен сервис за да продолжи да се зајакнува неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост.

 

Ќе ги унапредиме условите за работа на новинарите и медиумските работници во МРТВ. Во таа насока ќе поддржиме:

 

1. Поддршка на сопствена продукција за заштита и унапредување на македонскиот културен и национален идентитет;

 

2. Достапност на сите содржини до лицата со попреченост;

 

3. Модернизација на техничко-технолошкото работење на МРТВ;

 

4. Онлајн платформи преку кои ќе биде достапна програмата и архивите на сите канали на МРТВ со превод на регионалните балкански јазици;

 

5. Создавање и поставување на апликации за мобилни уреди на кои би биле поставени голем дел од програмите и продукцијата на МРТВ;

 

6. Разгледување на можност за стимулирање и поддршка на продукција на програма за ТВ и радио канали на јазиците што ги говорат помалите етнички заедници во Македонија;

 

7. Зајакнување на образовната, детската, спортската и документарната продукција;

 

8. Ќе поддржиме програмски сервис на Македонското радио, кој ќе емитува македонска програма и музика во текот на целиот ден;

 

9. Комплетна дигитализација на работата и програмата на Македонското радио;

 

10. Ќе поддржиме нов дигитален програмски сервис на Македонско радио – насочен кон Македонците кои живеат во регионот и дијаспората.

План 2030 - коалиција „Вреди“

Врз основа на стратегиите и активностите преземени од ЕУ, нашиот четиригодишен план за дигитализација на земјата ги опишува главните иницијативи и стратегии за искористување на моќта и можностите на дигитализацијата во корист на сите сектори во нашата земја. Овој план ќе се финансира преку различни форми, во зависност од областа за која станува збор, вклучувајќи ги и средствата од државниот буџет, како што се Фондот за дигитализација, Фондот за иновации, меѓународни грантови, особено европските фондови како што се структурните и инвестициските фондови, Фондот за дигитална трансформација, Програмите за научно истражување и иновации, Програмата за Дигитална Европа, Програмата за здравство и таа за Креативна Европа. Дополнително, заемите од Европската инвестициона банка (ЕИБ) ќе се користи за градење на јавно-приватно партнерство, без да се исклучат придонесите од приватниот сектор и филантропските донации.

Во првите две години ќе се фокусираме на инвестиции во дигиталната инфраструктура каде што ќе одвоиме значителни средства за развој на брзи широкопојасни мрежи, вклучувајќи 5G и оптичка инфраструктура, за да обезбедиме универзален, брз пристап и доверлив за сите граѓани во земјата. За оваа активност ќе видиме можност за поттикнување на јавно-приватно партнерство за да се забрза распоредувањето на дигиталната инфраструктура, особено во руралните средини.

Во првите две години ќе спроведуваме сеопфатни програми за формална и неформална обука со цел обука и едукација на дигитални вештини за граѓаните. Акцент ќе биде ставен на активностите поврзани со креирање на наставни програми, со кои ќе бидеме сигурни дека ќе се спроведуваат сеопфатните програми за дигитални вештини во основните и средни училишта, универзитетите и центрите за професионална обука, за да се оспособат граѓаните со знаење и вештини потребни за искористување на можностите што ги нуди дигитализацијата.

 

Во таа насока, ќе создадеме посебен фонд кој ќе ги стимулира бизнисите да обезбедуваат континуирана дигитална обука за вработените, со фокус на подобрување и преквалификација на работниците во областите каде што нашата држава ги има дефинирано како врвни приоритети.

Дигитализацијата е нецелосна, па дури и опасна, без безбеден дигитален екосистем. Ќе се посветиме на подобрување на сајбер безбедноста на национално ниво, вклучително и институционален развој во согласност со европските директиви, создавање и имплементација на стратегијата за сајбер безбедност, планови за одговор на инциденти и механизми за размена на информации.

 

Ќе се инвестира во создавање на специјализирани програми на универзитетите со цел подигнување на човечките капацитети и подобрување на научните истражувања поврзани со развојот на најнапредните технологии за сајбер безбедност за заштита на критичната инфраструктура, бизнисите и поединците од сајбер закани.

 

Ќе формираме национален центар за сајбер безбедност за истражување, обука и одговор на инциденти со сајбер безбедност.

Во третата и четвртата година на Владата ќе се фокусираме на дигитализација на претпримеништвото и дигиталните иновации, каде што ќе создадеме екосистем за поддршка на новите претприемачи преку национални финансиски програми и менторски програми за дигитализација на мали и средни претпријатија.

Ќе создадеме центри за иновации, дигитализација и претприемништво во сите градови во државата за да ја помогнеме и забрзаме дигитализацијата, да промовираме соработка и размена на знаење меѓу претприемачите, истражувачите и инвеститорите како и да го подигнеме квалитетот на услугите.

Ќе создадеме фонд за социјално вклучување во дигитализацијата за да обезбедиме субвенции за семејства со ниски приходи за купување персонален компјутер и пристап до Интернет.

За да се надмине дигиталниот јаз, ќе создадеме минимални стандарди кои мора да се исполнат при креирање на дигиталните услуги со цел услугата да биде лесно достапна за сите категории на граѓани. Ќе создадеме национален центар за да обезбедиме поддршка на национално ниво за дигитална инклузивност, но и да провериме дали услугите ги исполнуваат минималните стандарди за дигитална инклузивност. Ќе создадеме услужни пунктови на државно ниво кои ќе помогнат да се пристапи до технологија и дигитални услуги за ранливите групи, вклучително и постарите, лицата со попреченост и граѓаните со помала дигитална писменост.

Ќе создадеме национален систем каде што ќе обезбедиме сите дигитални платформи, веб-страници и јавни услуги да бидат достапни за сите корисници, без оглед на нивните технички вештини и експертиза.

Дигиталната трансформација на јавните услуги е еден од најважните процеси за подигнување на квалитетот на услугите, обезбедување услуги во реално време и борба против корупцијата. Поради оваа причина, ќе ги модернизираме владините услуги и процеси преку усвојување на современи дигитални технологии. Ќе продолжиме да ја подобруваме платформата за електронска Влада, ќе ги прилагодиме законите кои го спречуваат спроведувањето на електронскиот потпис и ќе работиме дигиталниот идентитет на граѓанинот да биде единствен процес за идентификација на национално ниво.

Ќе промовираме принципи за дизајнирање системи каде граѓанинот е во центарот со цел да се подобри полесниот пристап до јавните услуги.

Ќе го искористиме потенцијалот на технологиите во медицината, како што се телемедицината и медицинските апликации, за да го подобриме обезбедувањето на здравствената заштита, да промовираме превентивна грижа и да ги олесниме процесите со цел здравствените инситуции и пациентите да управаат ефективно. Ќе работиме напорно на обезбедување на интероперабилност и безбедност на системите за здравствените податоци за да се олесни беспрекорна размена на податоци помеѓу пациентот и здравствената установа и да се подобри интеракција пациент-здравствена институција.

Ќе ја охрабриме секоја институција да создаде упатства, регулативи и етичка рамка за одговорен развој и примена на технологиите со посебен акцент на вештачката интелигенција, обезбедувајќи транспарентност, одговорност и правда. Во овој поглед, ќе создадеме инвестициска програма за истражување и иновации за да одговориме на етичките и општествените импликации на вештачката интелигенција.

Ќе ги поддржиме културните и креативните институции во користењето на дигиталните технологии за да иновираат, да создаваат нови форми на изразување и да допрат до пошироката публика. Ќе создадеме програма за промовирање на дигиталната писменост и иницијативи за зачувување на културното наследство преку нивно дигитализирање.

Вреди е посветен на гарантирањето и олеснувањето на гласањето на дијаспората како граѓани.

Предлагаме електронски да се гласа во дијаспората, по примерот на Естонија.