ДВЕ ГОДИНИ ИНРЕКОМ – ДВЕ ГОДИНИ РАЗВОЈ!

Институтот за развој на електронски комуникации – ИНРЕКОМ денеска одбележува две години од своето основање. Мал, но значаен настан за една Невладина организација, формирана како коректив на општествените недостатоци во областа на електронските комуникации. Во овие две години работа, Институтот започна мисија за развој на електронските комуникации со цел градење на едно квалитетно дигитално општество во Македонија. Продолжуваме и во наредниот период, давајќи сугестии и земајќи директно учество во градењето на модерно општество со развиена дигиталната демократија, писменост и култура.

Овие две години работевме за вас, анализиравме, коментиравме, критикувавме, пофалувавме и дававме предлози за подобро дигитално општество. Во изминативе две години Институтот има изработено и објавено 17 истражувања и анализи, а воедно и публикувани 7 коментари за актуелни случувања. Институтот изразува благодарност до волонтерите што биле или се дел од тимот што несебично помогнале и помагаат во тековното работење, со цел анализирање и давање предлози за креирање на една нова дигитална Македонија.

ИНРЕКОМ во изминативе две години се труди да ги следи трендовите во граѓанскиот невладин сектор, па така својата транспаретност ја држи високо на пиедесталот, преку објавувањето на своите внатрешни акти. Со тоа, помагаме директно до новоформираните и идни невладини организации да имаат урнек како да си ги регулираат внатрешните прашања. Институтот останува отворен за соработка со другите невладини организации. Дополнително, објавувањето на внатрешните акти говори за сериозноста и за тоа како се гради кредибилитет кај донаторите.

Наша главна визија останува: Република Македонија да стане високо развиена дигитална земја, каде што ќе имаме развиени и независни пазари на медиумски услуги, како и пазар во кој ќе има силна конкуренција во делот на електронските комуникации. Дополнително, за тоа да се случи, наша визија и понатаму останува заложбата за самостојни и независни регулаторни тела.

Токму затоа продолжуваме со давање поддршка на процесите и тековите кои ќе допринесат до развој на независни и самостојни регулаторни тела, но и на независни медиуми и конкурентни телекомуникациски оператори, едукација на граѓаните за дигиталната писменост, како и промовирање и креирање на политики со сите засегнати страни за изнаоѓање на најдобри решенија во интерес на државата.

Апропо нашата визија и мисија, нашите цели и во престојниот период ќе бидат: постојано следење, истражување и анализирање на пазарите на електронски комуникации и медиуми, следење и анализирање на јавното мислење во однос на тековните случувања на пазарите за телекомуникации и медиуми, следење на работата на регулаторните тела од соодветните области, но и охрабрување на граѓаните да имаат критичко размислување и развивање на слободата на говор, нивна заштита од лажни вести и говор на омраза преку поттикнување на медиумска писменост, како и поттикнување на делиберативната демократија и партиципацијата на граѓаните во носењето на одлуките кои ги засегаат.

Остануваме посветени на негување на визуелниот печат кој го градиме како бренд на Институтот во минатите две години, како императив за подобра визуелна презентација на нашата работа. Брендот се гради преку графичкиот потпис и преку вашата доверба, која продолжуваме да ја оправдуваме и во следната година на работа, продолжуваме со развој!

За крај, менаџментот и сите вклучени во тековното работење на ИНРЕКОМ им се заблагодаруваат на сите медиуми што ги проследија сите трудови до пошироката јавност, со надеж дека одличната соработка ќе ја продолжиме и во наредните години што ни претстојат. Станува збор за над 50-на медиуми, кои одвоија простор за да ги споделат нашите новости на нивните интернет страници, информирајќи ги своите читатели.

ДВЕ ГОДИНИ ИНРЕКОМ – ДВЕ ГОДИНИ РАЗВОЈ!