Дали е македонскиот интернет имун на коронавирусот?

Корона-кризата во Македонија ги „закова“ македонските граѓани пред своите компјутери и мобилни уреди. Единствената социјализација која сега се практикува е онаа во виртуелниот свет, интернетот и мобилните линии се вжештија, притисокот врз мрежната инфраструктура во Македонија расте.

Во време кога поголем дел компании работат од дома, учениците следат онлајн-настава, а и политичарите сè почесто користат видео-конференциски врски за состаноци и средби, со право се поставува прашањето дали интернет-мрежата ќе успее да го издржи притисокот од значително зголемениот сообраќај.

Социјалното дистанцирање наметнато од вирусот кој го стави светот на колена ги затвори граѓаните во домовите пред своите технолошки уреди, кои сега им се единствен прозорец кон светот. Граѓаните ширум Европа веќе ги чувствуваат последиците од оптоварувањето на интернет мрежите, но и хардверските хостинг опслужувачи.

Корисниците во Европа на одредени сервиси како Нетфликс, Амазон Прајм, ЈуТјуб, но и сите корисници кои ќе гледаат или објавуваат видеа или преноси преку социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, во следниот период од 30-тина дена ќе наидат на проблеми поради намалениот квалитет на преносот, од 25 до 30 проценти.

Сепак, минималниот квалитет на електронски комуникациски услуги е во законска надлежност на Агенцијата за електронски комуникации. Во услови на прогласена вонредна состојба, Законот за електронски комуникации пропишува надлежности и на ресорното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА).

„Член 64, ставови (2) и (3) од ЗЕК пропишуваат дека јавните електронски комуникациски мрежи и придружните средства мора да се планираат, проектираат, градат и поставуваат на начин со кој ќе се овозможи давање приоритет на комуникациите од определени мрежни приклучни точки пред другите комуникации во случај на пад на мрежа, воена или вонредна состојба или елементарна непогода“ – Закон за електронски комуникации

Како ќе се развива состојбата со зголемениот метеж низ телекомуникациските канали, прашавме во операторите и Агенцијата за електронски комуникации. Од АЕК смируваат дека не постои опасност од крах на системот во мрежната инфраструктура во државата, но може да дојде до проблеми во дистрибуцијата на услугите поради мрежната преоптовареност.

Преоптоварувањето на мрежните ресурси за услугата пристап до интернет не значи дека корисниците ќе останат без услуга како при хаварија, туку дека истата услуга може да ја добиваат со послаб квалитет. Апелираме, рационално да го користите интернетот со цел апликациите за работа и учење од дома како што се видео конференции, далечен пристап, виртуелни конекции за пристап до апликациите од работа и сл. за да може да имаат поголем дел од останатите интернет апликации во заедничкото користење на мрежните ресурси на операторите – велат од АЕК

Операторите можат да блокираат мрежата, да ја намалат брзината на проток, да ја изменат, деградираат или дискриминираат некоја содржина, апликација или услуга со цел заштита од оптоварување или преоптоварување на мрежната поврзаност или заради ублажување на последиците од оптоварувањето или преоптоварувањето на мрежната поврзаност.

Од Агенцијата велат дека вршат редовен надзор врз параметрите за квалитет, кои покажуваат исполнување на минималните побарувања за квалитетот на мрежите кои што се дефинирани од страна на АЕК. Дел од операторите веќе ја известиле Агенцијата дека се соочуваат со зголемена побарувачка на количини услуги, но навремено ги направиле потребните подготовки со цел обезбедување стабилен курс на работа.

Сепак, од операторите не најдоа време, ниту интерес да одговорат на нашите прашања за состојбата со нивната мрежна инфраструктура, како и рационализација при користењето на ресурсите. Одговори изостанаа и на нашите прашања за тоа каков ќе биде пристапот кон наплатата од корисниците и дали операторите ќе ги следат препораките на АЕК за пролонгирање на исклучувањето при неплатени сметки.

Од операторите не сметаа за неопходно да одговорат дали ќе ги уплатат даночните аконтации на добивка, со што би покажале општествена одговорност кон државата, а особено што двата големи оператори се помеѓу поголемите даночни обврзници во Република Македонија.

По примерот на АВМУ, за кој пишувавме пред десетина дена, а во кој беа директно повикани да го следат овој чекор на регулаторот, од Агенцијата за електронски комуникации велат дека во план е донација на слободните средства кои не се поврзани со договорни обврски кон добавувачи и други тековни давачки на АЕК.

Потребни се измени на финансискиот план за што е потребна јавна расправа. За разлика од радиодифузниот сектор, телекомуникацискиот сектор е еден од ретките сектори кои што не се погодени од кризата. Па поради тоа Агенцијата размислува за одредени олеснувања во радиодифузниот сектор, но не и во телекомуникацискиот сектор – велат од Агенцијата за електронски комуникации

Од Асоцијацијата на Европските телекомуникациски мрежни оператори(ЕТМО) советуваат корисниците да користат повеќе повици или кога гледаат видеа, тоа да не биде со висок квалитет, туку да се префрлат на стандардната опција.

„Што се однесува до стандардните мрежни функции, во оваа фаза новите обрасци на користење успешно се контролирани од страна на инженерите. Ги поддржуваме напорите на Европската комисија која се обидува да ги осигура владите на земјите и нивните регулатори да ги имаат на располагање сите потребни алатки за да ги одржуваат мрежите стабилни и сигурно низ целиот континент“ – велат од Асоцијацијата ЕТМО

ИНРЕКОМ, како придонес во повиците за рационално трошење на ресурсите, препорачува користење на поставки што ја намалуваат потрошувачката на интернетот како што е гледање на аудиовизуелни содржини во стандардна резолуција (Standard Definition) наместо во висока резолуција (HD – High Definition). Овие промени во навиката може за неколку пати да ја намалат искористеноста на мрежните ресурси од страна на ваквите апликации.

Во државава, според последното истражување на Агенцијата за електронски комуникации, употребата на интернет е застапена речиси кај 90 отсто од популацијата, а 72.9 % од нив интернетот го користеле секој ден или речиси секој ден.


Автор: Никола Станков
Издавач: Институт за развој на електронски комуникации