Пет години развој!

ИНРЕКОМ – Институтот за развој на електронските комуникации од Скопје, прославува пет години од своето формирање и дејствување во Република Македонија. Инспиративната приказна за ИНРЕКОМ започнува летото во 2018 година, како потфат од млади политиколози и новинари, решаваат да оформат невладина организација. Целите беа да се развива информатичкото општество и електронските комуникации во Македонија, како и помош на македонските медиуми.

ИНРЕКОМ растеше и јакнеше благодарение на знаењата и вештините на младите, се консолидираше и изгради одржлива програма преку која започна серија на истражувања. Како невладина, непартиска и независна граѓанска организација, Институтот во изминатите пет години активно допринесуваше со сопствени коментари, сугестии и анализи за работата на регулаторните тела, Владата, операторите, медиумите и другите чинители во рамки на пазарот на електронските комуникации и медиумите.

Во првата година, ги поставивме темелите како треба да изгледа Институтот, а денес продолжуваме да ги поставуваме високите стандарди во работењето со цел остварување на нашите цели и визии. Младите што се вклучени во ИНРЕКОМ веруваат дека својата иднина може да ја остварат тука, па затоа неуморно изминатите пет години допринесуваа во развојот на информатичкото општество преку своето учество во работата на Институтот.

Среднорочна стратешка цел во наредниот период е проширување на делокругот на работа, па така, освен развојот на медиумите и електронските комуникации, акцент ќе се стави на теми од информатичкото општество, дигиталното управување и дигиталната агенда. Наши теми во наредниот период ќе бидат: сајбер безбедноста, следењето на електронските комуникации и приватноста во дигиталниот свет, хидбридните закани со акцент на лажните вести, сајбер булингот, дигиталната агенда, е-Влада, дигиталната трансформација на јавната администрација и дигиталната демократија, дигиталното управување, медиумската, информациската и дигиталната писменост, електронските услуги во јавниот и приватниот сектор, електронската трговија и е-маркетингот.

Институтот и во иднина ќе продолжи да дава сопствени коментари, но и предлози во однос на актуелните случувања, а дополнително ќе спроведува извештаи за проверка на влијанијата на регулативите од сенка во областа на информатичкото општество. ИНРЕКОМ за сопствени потреби во рамки на истражувањата или за потреби на свои клиенти ќе продолжи да спроведува истражувања на јавното мислење и истражувања на пазарите преку квалитативни и квантитативни методи на работа.

Ова ги вклучува и статистичките обработки на податоци и дизајнирања на истражувањата. Исто така, ИНРЕКОМ ќе спроведува и јавни кампањи во рамки на проектите со цел подигнување на свесноста во однос на темите во врска со информатичкото општество.

Дополнително, Институтот ќе спроведува обуки, работилници, евалуации, ќе пишува документи за кратки политики, ќе лобира и ќе застапува иницијативи и ќе завземе активно учество во креирањето на политиките, посебно во областа на Поглавјето 10 од преговарачката рамка за членство во ЕУ.

Работата на ИНРЕКОМ во изминатите пет години, ја помогнаа и десетина амбициозни млади луѓе, со активен придонес преку давање идеи и учество во истражувањата. ИНРЕКОМ и понатаму останува отворен за вакви кадри кои несебично се вложуваат да се комплетира успешната слика за Институтот.

Изминатите пет години беа полни со предизвици, кои придонесоа за развојот и јакнењето на капацитетот на ИНРЕКОМ. Институтот ќе го продолжи активното учество во различните домашни и меѓународни мрежи и ќе остварува поблиска соработка со многу чинители од граѓанскиот сектор, но и од владиниот сектор со единствена цел – развој на дигиталното управување во Македонија.

Во изминатите пет години, работата на ИНРЕКОМ ја следеа и голем број на медиуми и новинари, без чија поддршка Институтот немаше да биде тоа што е денес, за што сме им благодарни.