Луксузниот живот веројатно е високо на листата на желби на Македонските граѓани кои се во трка по брза заработка на интернет. Сепак, ова веројатно е само една од причините кои ги тера луѓето да се впуштат во ризични финансиски предизвици.
Но, додека на некои им успева да се збогатат преку ноќ – заработувајќи десетици илјади евра, други остануваат измамени… Тајните на дигиталната трговија со крипто валути се тема на специјалната емисија која ја изработи Институтот за развој на електронските комуникации.
Дигитализацијата во секоја област на живеењето придонесе до создавање на т.н. криптовалута како облик на дигитална сопственост односно имот, која сега се користи како средство за трговија. Оваа виртуелна валута останува нерегулирана сфера, а нејзиното функционирање е обезбедено со метод на криптографија како начин на обезбедување сигурност на трансакциите, контрола на создавањето дополнителни парични единици и заради потврда на трансферот на валута.
Откриваме како функционираат крипто-валутите и што се крие позади оваа „мистериозна“ технологија… Ги откриваме почетоците на дигитализацијата на парите, развојот, но и најголемата измама со крипто-средства.
Легалноста на криптовалутите варира од држава до држава. Истата сè уште е недефинирана или е во законска процедура во многу земји. додека повеќето држави со закон не го забрануваат користењето на криптовалути, нивниот статус како пари не е цврсто утврден. Во Македонија тргувањето со дигитални валути не е возможно, а од Народната банка велат дека засега нема законско решение кое јасно ја регулира оваа сфера.
Од НБРМ велат дека ги следат Европските регулативи, но сè уште немаат конкретна временска рамка кога би се донел Закон кој би го регулирал начинот на производство и пуштање во оптег на ваквите дигитални валути, како на пример Словенија, која е земја членка на Европската унија.
За разлика од НБРМ, универзитетскиот професор Мартин Михајлов смета дека појавата на крипто-валутите направи финансиска револуција, но не во форма која се очекуваше. Вистинската револуција преку дигитализација на парите и нивната иднина, според него, ќе се постигне преку издавање на национална крипто-валута зад која ќе стои државен ентитет. Според Михајлов, отсутвото на регулатива и недефинираните закони за финансиско работење постигнуваат негативен ефект кога се во прашање можностите за креативен бизнис во областа на дигиталната трговија.
Ваквиот начин на заработка има бројни предности. За почеток криптовалутите имаат сериозен потенцијал да го заменат моменталниот паричен систем во светот, особено што бројот на корисници расте, од друга страна, ограничената количина на дигитални парички го прави целиот концепт отворен на инфлација, користејќи сопствена мрежа која му обезбедува независност.
Но, во овој свет работите се далеку од идеални. Сопственикот на валутите не е заштитен, дигиралните парички лесно може да бидат неповратно загубени или украдени од штетен софтвер, а дополнителна главоболка е малиот број на трговци од реалниот свет кои прифаќаат плаќање со криптовалути. Но и измамниците се честа појава во дигиталната крипто-трговија.
Во продолжение, погледнете ја целата емисија што ја изработи ИНРЕКОМ, токму за една таква измама со дигитални валути.