Волонтерството е еден од најдобрите начини да се помогне во образованието на младите во едно општество, преку здобивање на искуство и функционирање во работен тим, што во текот на нивниот живот ќе им биде од значителна корист. Затоа, ИНРЕКОМ ја поддржува волонтерската работа за сите млади професионалци кои сакаат да придонесат во исполнувањето на нашите цели и мисија и имаат заедничка визија со нас.
Затоа Вашето време и вештини ни значат и сте добредојдени! Доколку посакувате да научите повеќе и да ги вклучите Вашите лични достигнувања и идеи кон целите на Институтот, Ве покануваме да се приклучите во нашиот тим!
Институтот за да допринесе кон поголема транспарентност и отвореност во работењето, донесе посебна Програма за волонтерска работа и истата можете да ја погледнете на следниот линк тука.
За да се приклучите кон тимот на ИНРЕКОМ, контактирајте нѐ испраќајќи меил на: contact@inrekom.org.mk со наслов „Волонтерство“ со Вашето CV и/или кратко мотивационо писмо со Вашите податоци.
Волонтер е лице кое придонесува за заедницата, давајќи ги своите лични услуги, знаења и вештини во корист на други лица, организации или институции, без притоа да остварува финансиска добивка за тоа.
Работата која ја извршува е исклучиво на доброволна основа.
Волонтер може да биде секој поединец кој е спремен да работи во корист на другите и да придонесе кон изградба на хумано општество, базирано на социјална кохезија и рамномерен развој. Волонтерите не се ограничени, па така, волонтер може да биде: вработен, невработен, пензионер, малолетник (во согласност со родител/старател) и странско лице.
Лицето кое е невработено и волонтира, без разлика дали за тоа има склучено договор или не со институцијата/организацијата која ја организира волонтерската работа, не ги губи своите права и осигурување стекнати по основ на невработеност.
Доколку некое лице има одбрано организација во која ќе волонтира и истата има услови за тоа, со задоволство ќе го прифати. Организациите и институциите коишто имаат потреба од волонтери најчесто објавуваат повици/огласи со прецизиран проект за кој е потребен волонтерот. Секако, волонтерот треба да го следи упатството за пријавување.
Иако волонтерот не е платен за својот труд, институцијата/организацијата може да покрие дел од неговите трошоци како што се: храна, превоз до местото на волонтирање, службено патување, обука и сл.
Законски, волонтерот и организаторот ја одредуваат висината на покриените трошоци по пат на договор.
Трошоците за храна и превоз се исплаќа најмногу во висина до 15% од просечната плата во Р. Македонија, исплатена за претходната година. Тоа не значи дека автоматски треба да се исплати тој износ. Овие трошоци може да се исплатат и на база на реално направени трошоци, на пример: автобуска карта, приложени сметки од сендвичи и сл.
Трошоците за службени патувања и обука се во иста висина како за вработените, така и за волонтерите.
Во предвид треба да се има фактот дека голем дел од здруженијата имаат скромни финансии и не се во можност да ги покријат трошоците за голем број волонтери. Но, постојат и волонтери кои се финансиски стабилни и не бараат надомест на трошок. Нема законска обврска за надомест на трошок. Дали и во која висина ќе биде исплатата на надоместот се одредува по пат на договор за волонтирање, потпишан од страна на организаторот и волонтерот.
Договорениот надомест на трошоците кој е вклучен во Договорот за волонтирање е ослободен од персоналниот данок на доход.
Осигурувањето од професионални болести и повреда на работа за време на волонтирањето оди по истиот принцип како договарањето за надоместоци. Вакво осигурување, практично, се обезбедува во случаи кога постои реална опасност волонтерот да се повреди при извршување на своите задачи.
Волонтирањето се одликува со доброволност, во корист на други лица односно јавен интерес и без надоместок за вложениот труд.
Практиканската работа се разликува, бидејќи таму целта е стекнување на практично искуство и вештини на практикантот, без оглед дали има јавен интерес.
Волонтерскиот стаж не е волонтирање, бидејќи тој е задолжителен според законот за извршување на одредени професии.
Луѓето најчесто волонтираат со цел да покажат посветеност кон одредена кауза и да дадат придонес за цел која ја чувствуваат како граѓанска должност. Со волонтирањето, исто така, се проширува кругот на пријатели и познаници. Како волонтер, може да се биде дел од движечка сила на општеството и одредени работи да се променат на подобро.
Може да се одвива шест часа неделно за презафатениот службеник во фирма, но може да биде и десет часа дневно во тек на десет години за некој пензионер. Исто така, може да се волонтира еднократно, или тоа да биде постојана активност во одреден временски период.
Никој нема право да го присили волонтерот да работи повеќе од она што е спремен да одвои од времето. Но, исто, така е важно да го исполни и ветеното време и задачи кон организацијата каде волонтира бидејќи тие сметаат на волонтерот.
Законот за волонтерство му ги гарантира на волонтерот следните права:
– Во писмена форма волонтерот да добива информација за тоа што се очекува од него за време на волонтирањето, кои се условите под кои ќе волонтира, дали постои некоја опасност поврзана со волонтирањето и сл.;
– Да биде обучен за работата која треба да ја врши како волонтер доколку е потребно и да му се обезбедат средства за заштита при работа;
– На пауза во текот на денот додека волонтира како и на отсуство од оправдани причини (за кое треба да информира и да го најави);
– Да биде консултиран и информиран за одлуките поврзани со начинот на кој го реализира волонтерскиот ангажман;
– Право на надоместок на договорените трошоци поврзани со волонтерството доколку однапред се договорени со организацијата/институцијата;
– Да му бидат заштитени приватноста и личните податоци;
– Да обезбеди тајност на податоците и заштита на приватноста;
– Да обезбеди услови за вршење на волонтерската работа согласно законот и договорот за волонтирање;
– Да му издаде на волонтерот волонтерска книшка и во истата да ги наведе податоците пропишани со закон;
– Да обезбеди материјали и средства за вршење на волонтерската работа;
– Да обезбеди навремена исплата на трошоците кои однапред ги договориле организаторот со волонтерот;
– Да обезбеди други услови пропишани со законот или за кои меѓусебно се договориле;
– Доколку е договорено, да обезбеди осигурување од професионални болести и повреда на работа за време на волонтирањето, согласно прописите за пензиско и инвалидско осигурување и прописите за здравствено осигурување;.
– Доколку волонтерот смета дека некои од неговите права како волонтер се прекршени и не може да се решат во разговор со организацијата, тогаш треба да пријави кај надлежните институции со доставување на претставка до Државниот инспекторат за труд.
Очекувања од волонтерот:
– Волонтерот не може да замоли некој друг да ја заврши работата кој ветил дека ќе ја направи;
– Треба да ги чува доверливите податоци од организаторот;
– Треба да посетува обука, доколку истата е неопходна за извршување на волонтерските задачи;
– Доколку знае/е свесен за штетните последици од неговиот ангажман, истите треба да му ги предочи на организаторот.
Секој волонтер пред да почне со волонтирање, во писмена форма треба да биде запознаен со условите и опасностите поврзани со активностите за време на волонтирањето.
Согласно Законот за волонтерство, во одредени случаи се предвидени прекршочни казни за волонтерите во износ од 50 до 200 евра. Волонтерот може да се казни во следните случаи:
– ако не ја извести организацијата/институцијата за евентуални болести или други причини поради кои што не би можел да волонтира; и
– доколку за време на или во врска со волонтирањето, намерно или од крајна небрежност направи штета во организацијата каде волонтира или кај трети лица и притоа одбие да ја надомести истата.
Програмата за волонтирање е документ во кој организацијата/институцијата меѓу другото ги дефинира:
– активностите за кои се планира и постои можност да се ангажираат волонтери;
– видот на услугите и ангажманот коишто се очекуваат од волонтерите – начинот и постапката на обезбедување и избор на волонтери;
– бројот на волонтери што се планираат да се ангажираат и времетраењето на волонтерскиот ангажман;
– потребните квалификации на волонтерите за поедините задачи;
– условите под кои ќе се одвива волонтирањето и сл.
Овој документ може организаторот самостојно да го уреди, бидејќи со законот не е стриктно пропишано. Програмата за волонтирање е задолжителна и е важна во случај на инспекција, бидејќи на овој начин организацијата докажува дека лицата навистина волонтираат, а не дека работат бесплатно.
Склучувањето договор меѓу организаторот и волонтерот е законска обврска во два случаи:
1 Кога волонтирањето трае повеќе од 40 часа во текот на месецот; и
2 Кога волонтерот е странско лице без оглед на времетраењето на волонтирањето.
Договорот за волонтерство престанува:
– со истекот на временскиот рок за кој е склучен договорот или се исполнети условите за кои истиот е склучен;
– со спогодбено раскинување;
– кога организаторот на волонтерството престанува да работи без правен наследник;
– со денот на правосилна одлука за одземање на деловна способност на волонтерот и
– со престанување на дозволата за престој во Република Македонија за странските волонтери.
Меѓутоа, и волонтерот и организаторот на волонтерска работа може да го раскинат договорот пред истекување на неговиот рок. Притоа, волонтерот треба да достави писмена изјава за раскинување на договорот, без обврска да ја наведе причината за раскинување, освен во случај кога раскинувањето може да предизвика штетни последици во работењето на организаторот на волонтерската работа или на трети лица.
Организаторот на волонтерската работа, може да го раскине договорот за волонтерство поради престанување на потребата за волонтирање, кога не е во можност да ги обезбеди условите за волонтирање, кога ќе констатира дека волонтерот не ги исполнува договорените обврски, или во случај на кршење на етичките норми од страна на волонтерот, донесени за одделни облици на волонтирање.
Како доказ за волонтерскиот ангажман и искуството стекнато при волонтирањето законот ја воведе волонтерската книшка. Тоа е јавна исправа пропишана од страна на Министерството за труд и социјална политика. Формата и содржината на волонтерската книшка е пропишана со посебен Правилник.
Волонтерската книшка им служи на волонтерите како доказ за волонтерскиот ангажман и искуството кое го стекнале при волонтирањето.
Организаторот на волонтерска работа има обврска во волонтерската книшка да ти ги запише податоците за видот и времетраењето на волонтирањето, каква обука си посетувал/а итн. Волонтерската книшка е во сопственост на волонтерот и во неа ги впишуваат податоци сите следни организации кај кои ќе волонтира лицето.
Копија од волонтерската книшка може да се приложи при аплицирање за вработување, со што работодавачот ќе добие информација за искуството и вештините со кои се стекнал за време на волонтирањето. Но, работодавачите не се обврзани да го сметаат волонтирањето како работно искуство и тој не се смета формално како работен стаж.
Организаторите на волонтерска работа се обврзани да водат евиденција на волонтерите. Тоа може да го правите во писмена форма и електронски. Форматот за евиденцијата е едноставен и е пропишан со посебен правилник.
Доколку волонтерот веќе поседува волонтерска книшка, треба да ја користи истата. Организација е обврзана на волонтерот да му ги пополни податоците во волонтерската книшка врз основа на евиденцијата. Ако е тоа прв ангажман на волонтерот, организацијата е обврзана да му издаде на волонтерот волонтерска книшка.
Уште првиот ден од волонтерскиот ангажман или на крајот од волонтирањето, лицето што е ангажирано може да побара од организацијата да му издаде волонтерска книшка доколку истата ја нема. Таа е бесплатна и може да се подигне од канцелариите на Министерството за труд и социјална политика или подрачните единици на министерството.
Волонтерската книшка може да ја подигне и волонтерот или организацијата/институцијата. Таа се подига со приложување на:
а) копија од склучен договор за волонтирање или
б) доколку волонтирањето е под 40 часа месечно со потврда од организаторот дека волонтираш.
Потоа организацијата/институцијата се обврзани да ги пополнат податоците. Ако организацијата одбие да издавади книшка, или доколку не сака да го впише волонтерскиот ангажман, волонтерот има право да ја пријави организацијата во Министертсвото за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд.
Законот за волонтерство ги ограничува организаторите на волонтерска само на правни лица од непрофитен карактер и тоа:
– Здружение и фондација;
– Верска заедница и религиозна група;
– Јавна установа (театар, библиотека, старечки дом, детска градинка итн.);
– Орган на државна власт (министерства, агенции) и
– Единица на локалната самоуправа (општините) и Градот Скопје.
Со стопански субјекти односно приватните фирми не може да се склучи договор за волонтирање, поради тоа што примарна цел на фирмите е зголемување на добивката на сопствениците што се коси со целта на волонтирањето. Во фирмите најчесто се одвива практиканство.
Но, фирмите можат да се вклучат во волонтерски активности. На своите вработени можат да им дозволат одреден број часови во рамки на платената работа, да волонтираат во одредено здружение. Корпоративното волонтирање е полезно и за фирмата бидејќи го јакне тимскиот дух на вработените, помага да се идентификуваат лидерите во тимот и ја гради припадноста на фирмата во заедницата.
Организацијата пред да се реши дали да ангажира волонтер или да вработи дополнителен персонал, треба да се направи темелна анализа на обврските за кои се потребни човечки ресурси. Доколку станува збор за обврски од помал обем, за кои не е потребен постојан ангажман и постојано присуство, може да се ангажира волонтер. Ако станува збор за обврски кои бараат постојано присуство и по обем и опис одговараат на некое работно место, најдобро е да се вработи дополнителен персонал.
Ангажирањето на волонтер со цел да се избегне склучување на договор за вработување е забрането согласно законот за кое следуваат прекрочни казни. Затоа е важно волонтерските позиции соодветно да се дефинираат и јасно да се издвојат од систематизацијата во рамки на Програмата за волонтерство.