Текот на изборната кампања во електронските медиуми (АНАЛИЗА)

Со најмал број гласови од сите избрани Претседатели досега, Стево Пендаровски стана петтиот шеф на државата на шестите непосредни избори. 60-те илјади гласови воглавно од немнозински етнички заедници беа доволни за Пендаровски да се запише како иден станар во Вилата Водно.

Ова беа втори избори за Претседател со најниска излезеност од 46,7 отсто, веднаш после изборите оддржани во 2009та – каде излезноста беше 42,6 отсто.

Општините кои одлучуваа за следниот Претседател беа претежно средини со мешан етнички состав меѓу кои Чаир, Тетово, Гостивар, Сарај, Струга, но и партиските бастиони Струмица и Куманово.

Противкандидатката Силјановска Давкова победи во скопските општини, како Гази Баба, Кисела Вода и Ѓорче Петров, но и во другите поголеми градови меѓу кои Велес, Кавадарци, Штип, Битола и Прилеп.

Динамиката на кампањата и средбите со граѓаните се чини го земаа данокот врз политичката коректност, па така особено во последната недела од изборите присутни беа црната кампања и политичките препукувања на социјалните мрежи. Говорот на омраза и заканите беа тема на интерес во одделението за компјутерски криминал од каде беа поднесени неколку кривични пријави, но конечниот исход од истите и понтаму е непознат.

Во оваа кампања свој удел имаа и од движењето за бојкот „БојкотирамПИ“ како маргинална група на активисти кои на социјалните мережи повикуваа за апстинирање од гласањето.

Кампањата беше под мониторингот на АВМУ каде во извештајот за работа на медиумите се констатира држење до професионалните стандарди и претежно избалансирано претставување на кандидатите. Од агенцијата велат дека постојат минимални прекршувања, претежно од техничка природа, но не го делат мислењето од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР во кој се споменува известувањето на Телевизија Алфа.

СИТЕ МЕДИУМИ ИЗВЕСТУВАА БАЛАНСИРАНО, НЕ ЗНАМ ОД КАДЕ МИСИЈАТА НА ОБСЕ ДОНЕЛА ТАКОВ ЗАКЛУЧОК МОЖЕБИ Е ГРЕШКА… – Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

Телевизиите работеле законски, велат од АВМУ, а граѓаните можеа да одлучат кому да дадат доверба и преку неколкуте одржани тв дебати помеѓу претседателските кандидати.

„КОНСТАТИРАНИ СЕ ПРЕКРШУВАЊА ПОВЕЌЕ ОД ТЕХНИЧКА ПРИРОДА“- Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

Буџетското финансирање на кампањата, највеќе пари им донесе на телевизиите.

Од џебот на граѓаните се нафатирале и интернет порталите.

*сумите се однесуваат за првиот дел од изборната кампања

Социјалните мрежи и овој пат беа поле за препукување помеѓу симпатизерите на политичките партии, учеството на кандидатите на мрежите за интеракција како да дадоа нова платформа за изразување на политичката „култура“.

Познавачите на медиумските прилики во земјава, сметаат дека мора да се воведе регулација во полето на интернет сферата… Од едно такво решение би можела да профитира и македонската економија.

„ФЕЈСБУК НЕКА СИ ОТВОРИ ФИРМА ТУКА И НЕКА СИ ПЛАТИ ДАНОК НА ДРЖАВАТА“ – Виктор Грозданов, експерт за медиуми.

Според него, корисниците на социјалните медиуми се` уште не се свесни за потенцијалната злоупотреба на нивните лични податоци. Јавниот пример обелоденет од ВМРО-ДПМНЕ фрли светло врз сомнителната апликација преку која наводно се вршела кражба на лични податоци, вакиот проблем може да се реши преку американски модел…

„ВО АМЕРИКА ПОСТОИ т.н. МАТЕМАТИЧКА ОДГОВОРНОСТ НА ФЕЈСБУК КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ НА КОРИСНИЦИТЕ“ – Виктор Грозданов, експерт за медиуми.

Во изборната кампања изостана двонасочната комуникација на социјалните мрежи помеѓу кандидатите и потенцијалните гласачи. Со исклучок на неколку активности чија цел беше доближување на кандидатите и нивните следачи и овие, избори секцијата за коментари на социјалните мрежи остана само како поле за вербално препукување меѓу корисниците, но не и продуктивна комуникација на потенцијалните гласачи и кандидатите.

Во сферата на електронските медиуми останува да се направи уште многу, согласни се нашите соговорници, но колку менталитетот ќе дозволи продор на скандинавски воздух во македонскиот етер, останува да видиме…


Подготовка: Стефан Јевтиќ
Тех. подготовка: Никола Станков
ИНРЕКОМ, мај 2019