Предизвици и придобивки во ерата на дигиталниот маркетинг и е-трговијата

Фокусот на новото истражување кое го спроведе ИНРЕКОМ е ставен врз електронската трговија и дигиталниот маркетинг во Република Македонија. Заедничките аспекти помеѓу обете сфери кои се предмет на анализа, исто така, беа тема на наш интерес пред сè поради начинот на кој тие функционираат и се надополнуваат.

 

Перспектива на маркетингот во сферата на масовна глобализација и дигитализација

Споредено со традиционалниот маркетинг, дигиталното огласување овозможува на огласувачите брзо и во реално време да ги следат постигнатите резултати од тековните маркетинг кампањи и проекти. Следењето на точниот број на луѓе кои ја прегледале почетната страница на веб-страницата која се огласува дава голема флексибилност особено во начинот на приказ на податоците кои може да се групираат во најразлични групи и подгрупи.

Ваквата технологија дава одлична повратна информација со чија помош огласувачите и маркетинг агенциите полесно и поефикасно можат да ги организираат следните кампањи.

Дигиталниот маркетинг познава многу различни начини на огласување. Еден од нив е т.н. „SEO-(Search Engine Optimization)“, овој начин вклучува технички процес на адаптација на интернет страниците чија цел е добивање на попривлечно место помеѓу првите резултати при користењето на интернет пребарувачите како „Гугл“, „Бинг“, „Јаху“ итн.

Останатите начини на дигитално огласување опфаќаат пласирање на рекламна пропаганда во вид на комерцијални написи на интернет страници, промоции преку издавање на електронски книги, визуелно претставени огласи во вид на инфо-графикони или онлајн брошури.

Сепак, можеби најголем дел од колачот наречен „дигитално огласување“ припаѓа на маркетингот кој се пласира преку социјалните мрежи, ова претставува ефикасен начин за непосредна продажба на производи, огласување на дигитални услуги, веб страници и останати проекти кои се предмет на одредена кампања за промоција.

Дигиталниот маркетинг нуди и корисничко-интерактивен начин на огласување („Pay per Click“) со цел привлекување на поголема таргет публика, а истиот претставува особено користен метод од страна на субјектите кои работат во областа на е-трговијата. Ваквиот начин на огласување донесува директен профит за публиката чиј пат до наградата за учество во маркетинг кампањата води преку директна интеракција со рекламата. Дел од ваквиот тип на огласување се т.н. промотивни брошури кои се испраќаат до корисниците („Newsletter“) преку нивните електронски мејл адреси.

 

Трговија на мало и големо, но преку интернет – кој профитира, а кој регулира?

Електронската трговија, пак, наједноставно кажано подразбира купопродажба т.е трговија на производи и добра преку дигитален пат. Е-трговијата се одвива преку дигитални продавници и огласни партери, каде трансферот на средства преку електронски пат е начин на плаќање за добиените т.е. купените добра. Електронската трговија во својата комплексност вклучува и систем на управување со синџирот на снабдување, сегмент на дигитален маркетинг, компјутерска обработка на трансакциите, електронска размена на податоци, системи за управување со инвентар и системи за автоматско собирање податоци.

Регулацијата на овој пазар и потребата од истата во Р.М. започна да се спроведува преку проектот за „Дигитализацијата и реформи во ИКТ-сферата во Западен Балкан“. Овој проект на Европската комисија предвидува воведување на унифициран дигитален пазар кој покрај организација на оваа сфера ќе допринесе и за економски раст во регионот, зголемување на иновациите, системски реформи во администрацијата и институциите.

Како дел од обидите за регулација на електронската трговија во Европа, Европската унија донесе нови одредби за заштита на потрошувачите, усвоени како Директива во Европскиот парламент чија цел е обезбедување поголема транспарентност на интернет пазарот. Со ова, треба да биде појасно кој ги продава производите, дали е регистриран трговец или приватно лице, притоа се воведува и ред во делот на дигиталните рецензии и препораки за добрата кои се предмет на е-трговија.

Новите правила, исто така ги зајакнуваат правата на потрошувачите. Обезбеден е надоместок за жртвите на лошите деловни практики од трговците, како и казни за масовни измами на кои се изложени потрошувачите ширум ЕУ.

Земјите членки имаат две години да ја транспонираат Директивата во нивното националното законодавство кое треба да гарантира дека потрошувачите во ЕУ ќе бидат подобро заштитени.

 

Електронска трговија во Република Македонија

Трендот на пазарење преку интернет не ја одминува ниту нашата држава, па така не е чудна појавата на забрзано темпо на раст и развој на оваа гранка од дигиталната економија. Последните податоци за навиките на македонските граѓани во првото тримесечје од 2018 година покажуваат дека растот на трговијата допринесува за бројки кои говорат дека постои континуиран раст на бројот од испитаниците кои пазарат преку интернет. Или во бројки:

Процент на испитаници кои купувале преку интернет (2011-2018)

2011 6.7%
2012 7.8%
2013 8.3%
2014 15.2%
2015 15.4%
2016 19.3%
2017 19.5%
2018 31.6%
извор: Државен Завод за статистика

Покрај можноста за купување на производи на интернет, македонските граѓани може да купат и услуги-па помеѓу останатите услуги од 2018 постои можноста за купување и онлајн полиси за осигурување. Во оваа сфера на даватели на услуги, треба да се спомене дека „Еуролинк“ е првата осигурителна компанија во Македонија што започна со продажба на осигурителни полиси преку интернет.

Со цел стимулација на ваквиот тип на тргување од 2020 година се укинува и царинската давачка за мали пратки до 90 евра, нешто што воедно беше препорака од Европската Комисија.

Регулативата на НБРМ која подолг период ја отежнуваше е-трговијата во изминатите години, а со која македонските купувачи беа оневозможени да ги користат платежните сервиси како „Пеј-Пал“ и „Скрил“, конечно беше изменета кон средината на 2018 година кога беше либерализирана платформата за онлајн платежни сервиси, кои се користат од милиони трговци и купувачи во светот на дигиталната трговија.

Сепак, постои долг пат кој македонската е-трговија треба да го изоди со цел да биде во синхронизиран чекор со западните земји. До тогаш останува да се работи на забрзан раст на целокупната економија, вклучително и дигиталната, преку е-трговијата во земјава и кон странство.

Гувернерката на Народната Банка, Анита Ангеловска-Бежовска во интервју за Македонската телевизија искажа очекувања од новата регулатива (за платежни услуги и платни системи), која би требало да поттикне поголем обем на услуги, кои би биле достапни за граѓаните по поволни цени.

 

„Новата регулатива ќе биде во голем дел усогласена со законодавството на Европската Унија и со стандардите и правилата за извршување на плаќањата во европските земји. Вообичаено, со поголемиот спектар производи коишто се засноваат врз современи решенија се поттикнува и финансиската инклузија, којашто придонесува и за поголем, и за поинклузивен економски раст.

 

Но, не само законските регулативи, на македонските граѓани им е неопходна соодветна обука и подигнување на свеста при пазарењето преку интернет. Ваквите обуки како и насоки за поголема безбедност може да се добијат од страна на Организацијата за заштита на правата на потрошувачите во Македонија.

 

Дигитален маркетинг во Република Македонија

Најголем удел во дигиталниот маркетинг во земјава имаат големиот број на интернет портали, чие отворање и работење и понатаму останува нерегулирана сфера.

Квантитетот на кликови кон кои целат порталите се своевиден „билет“ за добивање на дел од маркетинг колачот. Притоа, недостига поголем фокус на квалитативниот дел во нивната работа, нешто што ретко е прв приоритет кај огласувачите при нивниот избор каде да ја пласираат својата реклама.

Но, новиот глобален тренд на онлајн огласување во Македонија, во последната декада го зема данокот кај традиционалните медиуми. Токму овој тренд на глобализација и брзото споделување на новости и информации од домашната и светската сцена ја намалуваат пазарната вредност на рекламниот простор во весниците и на телевизиите, проследено со обратно пропорционално зголемување на цените за рекламирање на порталите.

Податоци за остварен профит од дигитално огласување кај некои од порталите (2018)

Клик Медиа Груп 42807063денари
Бизнис Регулатива МК 28751157 денари
ЕМ Медиа 23947282денари
Фактор МК 11967401денари
Точка МК 8447140денари
Нетпрес МК 7229869 денари
Црно Бело МК 5776310денари
Фрајдеј МК 332815 денари
24 Инфо МК 147000денари
Опсервер МК 45775денари

Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека за разлика од 2018 година (31,7%), во првото тромесечје од 2019, потрошувачите најмногу онлајн купувале од продавачи од земјата (52,3%).

Искористувањето на целосниот потенцијал кој го нуди дигиталното огласување ќе придонесе кон забрзан подем во електронската трговија. Ова претставува добра основа за малите трговци, преку интернет да ги пласираат своите производи, а пред сè преку платформите за продажба на „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

На овој начин со малку вложени средства се таргетира одредена група на потрошувачи. Втората предност е што огласувачите сами можат да определат кои ќе им бидат потенцијалните купувачи со помош на математичките алгоритми на социјалните мрежи што посредуваат помеѓу страните во процесот на трговија.

Посериозните играчи, кои поседуваат поголем буџет за маркетинг, своите производи ги нудат и преку други канали за огласување кои исто така се дел од дигиталниот маркетинг, но за кои се очекува со тек на времето да се намали нивниот удел.

Тука припаѓа рекламирањето преку СМС пораки и дигитални брошури во електронските сандачиња. Сепак во сè поголем број на случаи овој начин на огласување не ги дава посакуваните ефекти, поради неговото дигитално категоризирање како „спам“, со тоа спречувајќи и отежнувајќи го неговото прикажување.

Дигиталниот маркетинг и електронската трговија во новата декада се очекува да го трасираат патот кон целосно дигитализирање на пазарот со огласување и купопродажба на добра и услуги. Напредокот на технологијата и светските трендови на онлајн пазарење ќе ја заоструваат битката со традиционалните сфаќања.

Адаптацијата кон новите светски трендови во овие сфери на работа ќе осигура опстанок на бизнисите и нивен дополнителен раст во ерата на дигиталната технологија.

Издавач: Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје

Во подготовката на оваа анализа учествуваа волонтерите студенти по новинарство:
Мартин Арсов;
Душица Миланова;

Обработка:
Стефан Јевтиќ

Редактирање:
Никола Станков